„Јас летниот распуст го поминав на село кај баба и дедо. Си играв со дечињата на соседите покрај реката по цел ден, а навечер заспивав со звукот на славејот“.
Колку време помина откако не сте слушнале ваков почеток на домашната задача „Како го поминав летниот распуст“?
Веќе сите заборавивме како „пчелките летаат од цвет на цвет и собираат сладок мед“. Ниту пчелките, ни бумбарите, а ни штрковите не се веќе добри компаративни примери за објаснување на репродуктивниот процес кај најмалите. А зошто би биле, сето тоа делува толку бесмислено и смешно, кога 12 годишно детенце лајкнува полуразголени фотографии на негова соученичка на фејсбук, а зрелиот осмоодделенец на прагот на тинејџерството добива торта од родителите, на која на свеќичките им пркосат две разголени гради, стегнати во секси црвен корсет.
Кого ќе залажете со тие бајки за мали деца?
Навистина, како стигнавме дотука?
Живееме во време во кое малите деликатни главчиња на новороденчињата и тие 16 влакна кои ги имаат на себе, мора да се чешлаат со деликатно чешелче, изработено исклучиво од некакви природни влакна. Вредноста на неопходниов инструмент изнесува точно колку цената за лева Адидас патика на распродажба. Недај боже да се зачешла бебулево со обичен чешел, не сакам да знам каква трагедија би се случила тогаш.
Против дубалето се поднесоа тешки кривични пријави и сега е непожелно во домовите. Објаснување – ги искривувало нозете. Навистина, по улиците не можеш да се разминеш од генерацијата 85 и плус-минус некоја година, кои се тетерават со мака, целите искривени како Квазимодовци. Од дубакот, се разбира.
Како ли преживеавме без 10 еднократно употребливи памперс пелени и сите тие кашички збогатени со специјални состојки, навлажнувачи и јонизатори за прочистување на воздухот, пирамиди за отстранување негативна енергија, килибарни ѓерданчиња, перничиња со вградени мп3 плеери, на кои не ни го пуштаа Моцарт пред заспивање, за да ни ги развијат мозочните ќелии по секоја цена?
Се пензионираа и цуцлите-лажливки, бидејќи се обвинети за искривени запчиња.
И покрај сите усилби, не гледам некоја особена разлика. Односно лажам - гледам.
Децата на денешницата се сервилни и пластични, изгубени и беспомошни. Не знаат да ја преминат улицата со полни 6 години, додека ние се чувавме сами по дома, со клуч обесен на вратот.
Синоним за зборот ИГРА претставуваат десетици часови поминати пред икс боксот и компјутерот. Скромното моливче и гумичка спакувани во роденденски подарок се избришаа од сеќавањата. На нивно место дојдоа скапи и големи подароци за мали дечиња, а роденденот стана арена за натпреварување на куповната моќ на родителите.
Моите сеќавања за цртаните на Дизни снимени на видеокасета која беше истанчена од гледање веројатно делуваат смешно, со оглед на фактот дека денеска е сè толку достапно и лесно дофатливо.
И покрај сите удобности и навидум предности кои ги нуди модерното време, не можам да не забележам дека дечињата се просто несреќни.
Дека немаат соништа. Не умеат да се радуваат на подароци. Новите играчки стануваат здодевни за кусо време. Друштвената социјализација станува непозната равенка – секому му е поинтересно сам со својот компјутер.
Сепак, на крајот од денот да си признаеме барем меѓу себе, дека дечињата не се воопшто виновни. Од мали нозе се мазат и пазат, како да се единствени на светот. Целиот свет им се сервира на чинија, додека се хранат со сребрена лажичка.
Заштитени се од лоши вести, од страшни зборови како болест и смрт. Скапото чешелче продолжува да расте и да се развива, додека не се претвори магично во автомобил. Зашто го заслужил побогу, матурант е детето.
Апсурдот на денешницата е што брзаат да пораснат, но во време во кое владеат екстремно загрижени родители не им се дозволува да пораснат до крај. Резултатот се возрасни луѓе кои се однесуваат како деца и не умеат да преземат одговорност за ништо.
Што би очекувале повеќе од ваквите дечиња кога го преминуваат прагот од розовиот балон во кој се заштитени, кон суровиот свет надвор наречен реалност?
Трагично е, бидејќи со вниманието и грижата кои им се посветуваат, резултираат во вакви неизживеани Петар Пановци. Добивате исплашено момченце заробено во тело на возрасен маж и жена која скришум сака да облекува барбики.
Тоа стаклено ѕвоно, каде што екстремната родителска грижа ги надминува сите граници на нормалност, и сите дополнителни воншколски активности кои имаат цел да обликуваат супер интелигентно и способно потомство, честопати ги прави дечињата да се однесуваат како кученца пуштени од синџир кога се надвор од видикот на родителите.
Честопати слушам – денешните дечиња немаат детство. Го имаат и тоа во неограничен грејс период. Само што повеќе наликува на кошмар, отколку на забава.
Автор: Трендафилка
Дупла скорпија, со две зелени очишта и коса чија боја варира според расположението и временските непогоди.
Мразам луѓе кои доцнат, немиени мрсни коси и турски сапуници.
Добрите книги ги грицкам со глад и не ги зајмувам никому.
Вљубена до ножните прсти.
Неправедно доживувана како разгалено дете единче.