Почетна » Колумни » Мирисање оригами » „Душо, затоа што те сакам!“
Мирисање оригами

„Душо, затоа што те сакам!“

Во животот на секоја девојка се издвојува една специфична етапа, која веројатно наликува на деветтиот круг од Пеколот на Данте. Таа морничава фаза се нарекува: Љубоморен дечко.

На почетокот не можете да го препознаете. Ова културно мамино галениче освојува со кавалерство и галантни потези, а вие се топите како сладолед на жежок асфалт. Тој е толку љубезен и внимателен, се јавува неколкупати во денот (за разлика од други дечковци на кои не им текнува да го кренат телефонот ниту еднаш), постојано праќа романтични пораки и ве опсипува со внимание, додека лебдите на седмо небо. Какнувате шарени конфети од среќа и воскликнувате со задоволство. Имате најгрижлив дечко на светот.

Љубомора

Изрази желба да ги запознае вашите родители и притоа се потруди да остави пријатен впечаток. Во случај нешто да појде погрешно во иднина, се осигура во нивните очи вие да бидете виновникот за секоја можна ситуација и проблем. Вината никако не смее да му припадне на ова говедо завиткано во јагнешка кожа. Манипулатор со тапија.

Во следните неколку недели грижливоста ескалира до неразумно и малку посесивно ниво, кое вие го поистоветувате со романтика: тој ви подари нов телефонски број специјално за вас, за да може да разговарате кога сакате. Притоа успеа да го прочешла именикот и суптилно да ги отстрани броевите на сите ваши поранешни дечковци и другари.

„Случајно“ изникнува од никаде на вашето женско излегување со другарките и се нуди да ве врати дома. Суптилно ја врти главата и разгледува дали се вртат машки околу вашето друштво. Можеби се кријат во чантата или во гаќите, кој би знаел...

Нападите започнуваат подмолно и вешто и следуваат обвинувања како твоите другарки се банда без команда, му пречи однесувањето на едната и облекувањето на другата... му пречат сите! Најубаво би било кога на светот би постоеле само вие двајца, зарем не?

Вие тонете се подлабоко. Заслепени од оваа токсична љубов се убедувате себеси дека без доза љубомора – не е тоа „тоа“. Верувате дека ваквите испади потекнуваат од „вистинска љубов и грижа“, се прилепувате до него како да е последен на светот и полека се изолирате од сите.

Го деактивирате фејсбукот или му ги предавате сите лозинки, постојано му се пријавувате каде сте и со кого, барате дозвола да отидете на роденден кај вашиот прв братучед, додека типчето инспекторски ве контролира колку шминка ќе нанесете на вашето лице, кое фустанче планирате да го облечете и колку е кусо.

Инсистира да се појави секаде со вас под рака. Вам ви ласка, затоа што сметате дека имате фин и внимателен дечко кој не се пијанчи со другарите (како другите невоспитанковци на вашите другарки) и секој слободен миг сака да го поминува со вас.

Не му ни паѓа на ум да излезе некаде сам, ниту пак вие да уживате во вашата слобода без да бидете исконтролирани. Се дувате како крофна со квасец и се топите од среќа, не забележувајќи ја неговата параноја, болна патолошка посесивност и љубомора која ве уништува.

Повеќе не ви е дозволено да имате планови и амбиции за иднината, некое замислено патување кое сакате да го реализирате без него или пак одмор со другарките.

Тој е твојот бог и ако не помислуваш на мажачка со него, водење домаќинство и дечиња, по автоматизам стануваш невоспитана, некултурна, неморална. Курва.

Последниот стадиум од оваа пеколна фаза – е кога ќе крене рака на тебе, нормално, од љубов.

За твое добро, затоа што премногу се грижи за тебе и те сака, како не сфаќаш?

Додека се свестиш, немаш никого околу тебе, ниту другарка, ниту пак другар. Потребна ти е посебна, специјална дозвола за посета на роднините.

Излегувањата се ограничени на минутажа. Стануваш затвореник во твојот сопствен свет.

Вие не им раскинувајте на овие дечковци од страв – што ќе речат другите кога знаат дека толку долго сте заедно, како ќе реагираат Петко, Трајко или домашните.

Од страв дека нема да најдете друг, затоа што сте престареле, имате цели 20 години на контото.

Или најлошо – од можноста да не ви направи нешто лудакот.

Девојки, вие сте сите здрави, прави, чувани од дома како најголема скапоценост. Се треселе над вас од моментот кога сте излегле од утробата на вашата мајка.

Кој го има тоа право да се однесува кон вас со таква посесивност и непочитување, како да сте некое ѓубре собрано од улица?

Да се тресете од некој мочко кој се осудува да крене рака врз вас?

„Јас мислев дека тој е сиот мој свет, дека ќе се промени ако ме сака, дека можам да му влијаам врз љубомората која ја чувствува. Дека ќе се обиде да ја контролира за мене и нашата епска љубов, ќе се освести, ќе увиди и ќе сфати.

Мислев дека нема да преживеам, а станав посилна“...

Не губете се себеси и не дозволувајте вашиот убав живот да се претвори во кошмарен сон, а младоста и желбите да ви загнојат и скапат поради нечие љубоморно его.

Автор: Трендафилка
Дупла скорпија, со две зелени очишта и коса чија боја варира според расположението и временските непогоди.
Мразам луѓе кои доцнат, немиени мрсни коси и турски сапуници.
Добрите книги ги грицкам со глад и не ги зајмувам никому.
Вљубена до ножните прсти.
Неправедно доживувана како разгалено дете единче.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20783 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.