Почетна » Колумни » Мирисање оригами » „Дедо мили златни, бабино бонбонче“
Мирисање оригами

„Дедо мили златни, бабино бонбонче“

Кога го слушам дечко ми како зборува на телефон со неговите баба и дедо, ми доаѓа да му ја грабнам слушалката од рака и да им направам нормален муабет на тие кутри луѓе, жедни за разговор и новости.

Нивниот се сведува на безброј прашања од едната страна на линијата, а од оваа страна добиваш кратко и отсечно: „Да“, „Не“, „Не знам“, „Можеби“.

Поздрав, пријатно.

Јас ококорена и зачудена, ми доаѓа да им се јавам повторно и да си позборуваме.

Во мојата едночасовна дневна дружба со баба ми и дедо ми од друга страна, спакувано е кафе, задолжителна шумлива таблетка (зашто е полна витамини) и едно парче овошје (зашто тоа ги има другите витамини, кои шумливото ги нема). Следи муабет за: времето, сметките, пазарот, ЈСП и бесплатното возење во трите кобни денови (за мене пеколни, за нив празнични), вестите, весниците, доза политика, доза хумор, незначителен сегмент посветен на турски сапуници (е во овој дел замолчувам, додека баба ми елаборира за подвизите на Полат Календар и револтирано објаснува како некое детенце Осман сега е заменето со постаро, црно и многу грдо дете – та ѝ се одмилила серијата). Јас зачудено трепкам, додека дедо ми ни го носи кафето и продолжуваме со дискусијата во која на ред доаѓа Обама.

Љубов кон старите лица

Зачинуваме задолжително со озборувачка сеанса посветена на роднините. Средбата е заокружена со местење на ТВ каналите (бидејќи постојано „има снег“ на истите) и пази Боже – МТВ 1 да не е на редното бројче 1, МТВ 2 на двојче, собранискиот канал на тројче, а Kанал 5 веројатно погодувате кое место го зафаќа?

И смртен грев е да не биде на соодветната позиција лоциран, да зборуваме искрено.

И јас навечер некогаш не можам мирно да спијам ако Канал 5 не ми е мемориран на петка, камо ли двајца луди старци кои заедно бројат вкупно 160 години.

Тие луѓе не умеат да се налутат, барем не на мене. За нив, како и за секои баба и дедо, внучето ќе им остане најубавото, најпаметното, најнежното кокиче кое згазнало на оваа земја.

Им ги тестирам нервите одвреме-навреме, чисто колку да ги одржам во добра психо-ментална кондиција.

На прашањето кое се однесуваше за дечко ми – „Од што фамилија е тоа дете?“ одговорив – „Од фамилија зимзелени“. Баба ми, без да трепне, само возврати – Епа убаво, земи засади го тогаш.

Едни од најдобрите два совети во мојот живот сум ги добила токму од баба ми:

  1. Жената секогаш е подобро да е малку поубава од мажот. Така други мажи ќе искривуваат врат по тебе, место жени по него. Нека биде љубоморен тој, зошто да се нервираш пак ти?
  2. Никогаш не излегувај од дома со покакани гаќи. Не се знае кога може да завршиш на доктор.

Многу корисни совети, ви кажувам од срце.

Во младоста, дедо ми бил строг и наредувал, ама сега е обратно. Баба ми вика и урла, а дедичко е мирно и послушно јагненце. Резултат – пред некоја година за осми март ѝ подари златен прстен со цирконско срце внатре. Да се знае кој е газда во куќата и кој ги влече конците.

Омилен пијалак: Боза.

Омилени емисии: Иселенички џубокс; Бумбар страшно им недостига, засекогаш ќе остане запаметена како ретко квалитетна емисија со „многу домаќинско дете“ од водителка и Вести x 27 пати во текот на денот.

Омилено хоби: Вторнично и петочно крстосување низ улиците на Скопје, исклучиво во двокатните автобуси на ЈСП. Во сабота не се возат – зашто немале никаде работа за завршување.

Драги читатели, сите вие кои го имате благодетот наречен баба и дедо покрај себе, не ги игнорирајте. Тоа се храбри личности, кои сакаат само љубов и малку внимание. Биле досадни, биле стари, биле напорни?

Ние пак со цуцлите од бебиња, сите наши мали и големи желби, болести, врагови, факултети, дипломски и чуда – многу сме интересни, зарем не?

А баба и дедо не кренале раце апсолутно никогаш. Постојано се тука за поддршка и не се откажале во ниту еден момент. Добивате чиста и бескомпромисна љубов сервирана на чинија.

А тоа е чувство на среќа кое не може да се замени со ништо друго.

Бидете умни, гушнете ги своите баба и дедо. Со време.

Автор: Трендафилка
Дупла скорпија, со две зелени очишта и коса чија боја варира според расположението и временските непогоди.
Мразам луѓе кои доцнат, немиени мрсни коси и турски сапуници.
Добрите книги ги грицкам со глад и не ги зајмувам никому.
Вљубена до ножните прсти.
Неправедно доживувана како разгалено дете единче.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 19726 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.