Почетна » Колумни » Мирисање оригами » Брзај, брзај прваче
Мирисање оригами

Брзај, брзај прваче

1-ви септември, 1991 година. Бевме кревки и исплашени палавковци, кои не успеваа да го допрат подот со своите стапала, седејќи во училишните клупи кои ми изгледаа огромни.

Се сеќавам како првиот ден отидовме со мајките, дотерани како за некоја посебна свеченост. Прваче, каква радост. Има некоја посебна магија во тоа да си прваче.

Денес нулта групата би требало да го претставува првиот чекор кон училишните клупи, но мора да признаете дека нултиче ни оддалеку не звучи привлечно како овој магичен збор.

Веќе од вториот ден зачекоривме сами кон училиштето, одејќи строго по тротоар, двапати проверувајќи лево и десно кога преминуваме улица и цврсто фатени за раце.

Кој би знаел дека сме имале инспекција која го набљудувала секој наш чекор неколку метри поназад. Мојот чичко ја имал улогата на пазач на двете првачиња.

Години подоцна откако го дознав ова се смеев и се чудев – како не сме го забележале? Бевме така силно внесени во правилата и инструкциите од домашните и толку горди што сме првачиња, па не е ни чудо што вардачот останал невидлив.

Првачиња

Мојата училишна торба беше приказна сама за себе. Мислам дека тежеше скоро половина од мојата тежина. Ги носев скоро сите книги, од страв да не заборавам некоја, сите логички плочки во сината кутија со бел капак и онаа црвената со буквите. И денес пред очите ми играат тие бои и спомени.

Кутиите за моливи беа изум како од научно-фантастичен филм. Копчиња, федери, скришни места за розовата гума со мирис на јагода. Линијарот полн со вода и светки беше исто така врвно достигнување. Абре да ти е мерак да одиш на училиште, ете така беше во моето време. Виткањето книги во шарени хартии и заштитни фолии претставуваше посебен ритуал за уживање и имагинација.

Некои дечиња тргнуваат во прво одделение со научена азбука, други знаат да собираат или одземаат до 10. Јас драги читатели тргнав сосема неписмена. Никакво фајде од религиозното гледање Бушава Азбука, очигледно сум ја меморирала само љубовта на Билјарката во малото првооделенско тиквиче.

Можеби затоа бев фасцинирана од „Тато и Мите местат антена“, додека домашните кинеа нерви поради мојот апетит за голтање букви или вечната дилема – што е претходник, а што следбеник.

Да не почнам да зборувам за мистеријата наречена дропки.

Еве како татко ми се обидуваше да ми појасни :

„Ако јас земам една четвртина бурек и ти една четвртина и мајка ти една четвртина, колку бурек треба да купиш“?

  • Паааа, цела една пита.
  • Ама зошто?
  • Да има повеќе, сите да јадат.

Ја моделиравме количката од картон сите тројца до полноќ и се радувавме за секоја добиена петка.

Кога имаш прваче во домот, сите се првачиња, јас барем така го доживеав процесот.

Кога мајка ми денес ги чита моите колумни, песни и раскази, има обичај да каже како никогаш не верувала дека некое толку неписмено прваче како мене успеало да пројави талент за пишување.

Јас само ќе кажам – благодарам драги родители.

За вашиот неуморен труд, сите непроспиени ноќи пред важни писмени, љубовта и поддршката која не може да се искаже со букви и бројки.

Затоа што ми подаривте спомени за паметење и затоа што зачекорување кон звукот на училишното ѕвонче беше вистинска магија.

Автор: Трендафилка
Дупла скорпија, со две зелени очишта и коса чија боја варира според расположението и временските непогоди.
Мразам луѓе кои доцнат, немиени мрсни коси и турски сапуници.
Добрите книги ги грицкам со глад и не ги зајмувам никому.
Вљубена до ножните прсти.
Неправедно доживувана како разгалено дете единче.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 19743 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.