Не знам дали ќе можам кристално јасно и сликовито да објаснам што ми се случува додека немам интернет дома.
Тоа е еден сложен, замрсен процес налик хорор со примеси на трагедија. Со народски зборови – ми доаѓа да се џитнам од прозорец од мака и нервоза. Да истепам некого, ни крив, ни грд.
Да ја започнам приказната – ми снемува интернет додека работам.
Некој друг да е ќе се израдува, немам интернет – нема да работам. Јас во моментот почнувам да вријам како експрес лонец, кој ми ги крчка нервите во рок од неколку секунди.
„Добро смири се“, си велам, „ќе дојде интернет“.
Ајде да погледнам некој филм. Го пуштам филмчето и сфаќам дека бидејќи нема интернет, не може автоматски да ми се спушти превод. Јас сум од тие лошите и неразбрани што мора да им тече превод на англиски. Побрзо учам зборови и секако – не се напрегам да слушнам нечие лошо мумлање на нискобуџетен актер. И како да гледам сега, без превод?
Исклучувам, одам во кујна по чаша вода.
Таму ми светнува сијаличка – а можам да зготвам нешто на пример. Тирамису или шпагети во бешамел сос... ама како одеше рецептот за сосот, колку е соодносот на брашно и млеко... чекај, ќе проверам.
Како ќе проверам, НЕМАМ ИНТЕРНЕТ!!!
Разочарано се довлечкувам до столчето. Ајде да се слушнам со некоја пријателка. Го поземам мобилниот и ѕвонам. Од другата страна на линијата:
„Ееееј што правиш, виде ли каква слика ставила Трајанка на ФБ сабајлево? А новите авантури на Ноне? И онаа без гаќи, ја виде ли?“
Јас (скоро безживотно): „Не, немам интернет“.
„Како бе немаш, па што правиш?“
Мене ми доаѓа да заплачам, ама некако се сопирам.
„Ништо, еве се врткам по дома, можеби ќе читам некоја книга додека да дојде.“
Разговорот завршува по неколку минути. Не сум интересна зашто не сум во тек, ниту сум видела некое ново меме, ниту демотивација, ниту Инстаграм слики од четвртина бурек со јогурт, новите чорапи од Зелено пазарче на модни блогерки, бисерни изјави на високи функционери – ништо не сум видела!
Се јадосувам, цела младост и детство ги преживеав без некоја посериозна лоша навика, сега ли на овие години да започнувам со грицкање нокти.
Следуваат низа предлози како да си го пополнам времето, а сите завршуваат со истиот грозоморен одговор: НЕМА ИНТЕРНЕТ!
- Да ставам ливче во Златна копачка, ама прво да се консултирам со Маријана1X2.
- Да изгледам некој порно клип!
- Кој ќе настапува на Егзит оваа година? Кога е концертот на Роби Вилијамс во Загреб? Има ли некоја агенција понуда со превоз?
- Ќе вежбам малку... како одеа вежбите на Џулиен Мајклс бре?
- Дај бре конечно да излезам од дома, ќе одам кај другарка ми на кафе. Да видам само кога имам автобус...
- Ако не дојде до вечер, можам да одам во кино. Во колку часот има проекција, којзнае...
- Можам ли да изедам половина килограм јагоди денес? Многу ли се калорични?
- Има ли продолжение на „Раке пуке, раке шлаке“?
По 10 минути доаѓа интернет. Задоволно и со олеснување стискам рифреш на почетната на Фејсбук и се логирам на форумот.
Душичката ми доаѓа на место. Дишам слободно.
Не ми ни паѓа на ум колку сум само патетична.
Автор: Трендафилка
Дупла скорпија, со две зелени очишта и коса чија боја варира според расположението и временските непогоди.
Мразам луѓе кои доцнат, немиени мрсни коси и турски сапуници.
Добрите книги ги грицкам со глад и не ги зајмувам никому.
Вљубена до ножните прсти.
Неправедно доживувана како разгалено дете единче.