„Леле што убаво ти стојат фармерките, нови ти се?“ – вака ѝ се обрати една моја колешка на нашата шефица. Жената, задоволна од коментарот, се насмеа и си замина, а колешкава ми се врти и ми вели: „Ауу, колку е дебелааа, кипе од сите страни, па уште и фармерки натнала“. А потоа шеретски додаде: „Морам да се гребам малку!“
Многу често лицемерието може да го сретнеме на работното место, а особено со ваква одлика се карактеризираат најголемите подлизурковци на шефот или шефицата. Секако, овој пример со мојата колешка е безопасен. Страшно е кога сакаат да му се вовлечат во задникот на претпоставениот – моливот ако падне, го подигаат, кафенце на биро, се согласуваат со сè што ќе каже претпоставениот или ја поддржуваат неговата теза дури и кога е очигледно дека греши или кога не е во право, се смеат на неговите глупави шеги и секогаш имаат да му кажат нешто зад затворени врати! Тоа се луѓе со образ како ѓон, без интегритет, бидејќи и да се смени шефот, тие веднаш ќе се адаптираат на новата средина. Тоа сум го видела многу пати, и интересно е како тие секогаш се на врвот, едноставно таму е нивната природна средина.
Искрено и јас сум се фатила во ситуации кога сакам некому да угодам, па знам да кажам и некој непотребен комплимент. Но, секогаш тоа го правам за луѓето да се чувствуваат удобно покрај мене, едноставно фино ми е на душичката кога некому му правам да му биде убаво, а не заради некакви очекувања кон тие што им го упатувам комплиментот. Можеби и јас сум еден мал лицемер!
Една моја другарка која цел живот има проблем со тежината знаеше да ме праша: „Ослабена сум, се приметува нели?“ А јас, бидејќи не приметувам такви работи ѝ велам: „Да! Да! Супер изгледаш“. Како да ѝ кажам дека ништо не забележувам?! Ептен ќе ја погоди тоа. Вложила напор и сега јас да ѝ кажам дека нема резултат, ништо нема да постигнам.
Кога ќе забележев дека многу се поправила и ѝ треба освестување, е тогаш знаев да реагирам, и обавезно ѝ праќав некоја диета. Бидејќи секогаш правиме отворен муабет, ми има речено: „Знаеш, еднаш ми праќаш порака за некоја диета, а јас во тој период, горда на себе со мојот изглед... Многу се изнервирав, навистина ме растажи“. Секако, јас не бев свесна дека со мојата постапка ќе ѝ направам да се чувствува лошо и фала богу таа имаше разбирање и не ми се налутила, бидејќи долго се познаваме. Знаеше дека мојата намера не беше да ја повредам.
Ај, ова беше ненамерно. Но, на пример јас сум осетила на моја кожа кога некој сака да ми каже нешто со цел да ме навреди. Не знам, тоа едноставно се чувствува кога некој е злонамерен. Не им се лутам ниту на луѓето кои сакаат да се прават паметни, па делат совети, иако тоа не си го побарал од нив. Знам дека овие луѓе се безопасни и само имаат желба да се истакнат, а не да ти наштетат. Едноставно на злонамерните луѓе им се чувствува енергијата, тонот на кој ти го кажуваат тоа, ти покажуваат отворено непријателство.
Некогаш не знам што е полошо, некој да биде лицемерен со тебе, а позади да ти копа гроб, или пак, сè да ти плесне во фаца и да те боли до коска.
Мислам дека сепак кога се соопштува нешто, треба да се внимава на кој начин се прави тоа. Искуството ми покажа дека некогаш ситните лаги, како комплиментите на пример, се корисни, и не штетат никому, секако ако не се од користољубие. И што има да објаснуваш и да исправаш „криви дрини“ кога никој не ја сака вистината, оти секој си има своја вистина.
Автор: Тоа сум јас
Имам две човечиња на рамена, едно лошо и едно добро. Ова лошото гледам да не дојде до збор. Сакам позитивни луѓе. Тешко е човек да каже нешто за себе, а да не e тоа карактеристика која тој си ја умислил, оти најлесно е кога се зборува за другите.