Почетна » Колумни » Ловец на приказни » Јас бев таа вистинската!
Ловец на приказни

Јас бев таа вистинската!

Може ли маж да сака толку една жена како што Големиот Гетсби опсесивно ја сакаше Дејзи? Ќе ви кажам дека може, а претпоставувам дека секоја жена има по некој Гетсби во својот живот. Еве јас ќе ви раскажам за мојот, кој го знаев од дете, почнавме врска кога јас имав 17 години, а тој имаше 20.

Сцена од „Големиот Гетсби“

Еднаш седевме на клупа, и по долгиот разговор што го водевме, наеднаш се сврте кон мене. Знаев дека во тој момент ќе ми каже нешто важно: „Во последно време само размислувам на три работи: колку сакам да дипломирам, да се венчаме, и да си имаме дечиња!“ Навистина е убаво чувството кога си вљубен, некогаш мислам дека не чекорев по земја, а и тој го имаше тоа чувство. Имаше милион луѓе околу нас, а ние секогаш имавме чувство дека сме сами. Тој не беше само мојот сакан, туку и мојот другар. Ние бевме како грнче и поклопче, како ден и ноќ, а најмногу уживавме во долгите разговори.

Кога јас наполнив 18 години, едноставно како одминуваше времето, неговата љубов почна да ме притиска, бидејќи стана многу опсесивна, а мене почна тоа многу да ми пречи. Мислев дека е неправедно тој да се предаде толку, бидејќи јас не бев сигурна дали ќе можам да одговорам на таквата љубов. Да кажеш некому дека го сакаш отсекогаш за мене преставувало голема одговорност кон оној што му го упатуваш кажаното. Бев млада и не бев сигурна што сакам од себе, единствено знаев што не сакам, а не сакав некој да ми ја загрозува слободата со аргументот дека ме сака. На таа возраст сметав дека животот допрва ми почнува. А тој сè повеќе ми тежеше, некако ме гушеше, како камен на врат. Беше толку сигурен во себе, за него јас бев таа вистинската и според него, никогаш немаше да постои друга.

Знаев често да му речам: „Ти не си заљубен во мене, туку во приказната за мене“. А тој ќе ми одговореше: „Јас си знам што чувствувам во срцето!“ Не можев да разберам како некој со сигурност може да тврди за некого дека е вистинската личност! И откако раскинавме, тој некако беше во моја близина, беше во тек со сè што ми се случуваше, а и јас знаев за неколкуте негови врски кои траеја кратко оти на сите девојки им наоѓаше по некоја маана. Никогаш повторно не се споивме, но останавме добри пријатели. Тој сметаше дека на крај сепак ќе завршиме заедно, оти нели јас бев таа вистинската! Не можам да ја опишам таа чудна поврзаност.

Но, сè се измени откако јас го запознав мојот сопруг. По толку години дружење, контактите прекратија. Четири дена пред мојата свадба, замислете го среќавам на улица, а го немав видено три години. Иако бев на почеток на бременоста и тоа само неколку недели и никој не знаеше за оваа состојба, тој направи еден гест кој навистина ме погоди – ме погали за стомачето и се насмеа. Не рече ништо, а јас останав скаменета и со прашалници на глава. Толку добро ме познаваше, некогаш и подобро отколку што се познавав јас самата.

По една година откако јас се омажив, ми кажаа дека и тој се оженил. Последен пат го сретнав кога бев бремена со второто дете. Го среќавам на улица и навистина се израдував дека го видов, но тој некако едвај ме поздрави со ладен израз на лицето. Ова негово однесување навистина ме растажи. Како може некој кој ти бил драг и кому си му била драга одеднаш да се однесува поинаку? Беше како некој друг човек. Не очекував да паѓа во несвест што ме видел, но барем трошка љубезност да покажеше, оти со години нели јас бев вистинската. Најверојатно со тоа однесување сакаше да ми покаже дека ете тој си нашол нова Дејзи, како што јас си го најдов мојот сопруг.

Интересно е како луѓето се разминуваат на одредена крстосница од животот. Со некои одите заедно на иста патека цел живот, а со некои се разделувате. На некои крстосници носиме големи одлуки, некогаш победува срцето, а некогаш разумот... На крајот, со тие што ќе се разделиме, стануваме туѓинци, тие луѓе како никогаш да не биле во нашиот живот.

Автор: Тоа сум јас
Имам две човечиња на рамена, едно лошо и едно добро. Ова лошото гледам да не дојде до збор. Сакам позитивни луѓе. Тешко е човек да каже нешто за себе, а да не e тоа карактеристика која тој си ја умислил, оти најлесно е кога се зборува за другите.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20096 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.