Почетна » Колумни » Ловец на приказни » Повеќе купувај, а помалку продавај
Ловец на приказни

Повеќе купувај, а помалку продавај

„Има добра причина што имаш две уши и една уста, тоа е за да слушаш двојно повеќе отколку што зборуваш“. Оваа реченичка е совет од мајката на Робин Шарма, автор и мотивациски говорник, а е извадок од книгата „Патот кон величественоста“.

Но, јас имам свој Шарма, а тоа е мојата покојна баба. Факт е дека светот не почнува од нас, така што постарите генерации не биле будали и ваквите мудрости сигурно тие ги научиле од своите родители или баби и дедовци. Мудростите најверојатно постојат откако постои човештвото, а имаат универзална вредност. На пример, за слушањето и зборувањето мојата баба велеше: „Повеќе купувај, а помалку продавај“. Штета што баба ми не е жива... таа беше мојот поттик за многу животни потези, а и денес ме инспирира. Некој смета дека тоа се само обични зборови, но јас мислам дека тоа е најголемото наследство што некој може да го добие.

Комуникација

Но, не секој може да купува. Велат дека мудроста доаѓа со годините. Има личности кои целиот живот гледаат, ама не можат да видат, слушаат, но само тоа што им одговара. Имам една пријателка која кога ќе почне да зборува, е вистинска дрдорка, не знае да престане. Настаните ги раскажува надолго и нашироко, се распливнува до најмали ситници. Кога ќе се собереме, најчесто сите од друштвото ја слушаме, не заради тоа што е забавна, туку трпеливи сме оти ни е пријателка долги години и е многу искрена и прекрасна личност. Но, таа е човек што не сака да купува, туку да продава. Едноставно таа е од оние луѓе што сѐ знаат, а човек што сѐ знае нема мотив да научи нешто ново.

Некои личности навистина имаат чувство дека се многу умни и дека треба да им продаваат памет на другите, а пружат отпор кога некој ним им кажува нешто. Наспроти оние кои процениле дека е умно да си молчат и само да собираат информации. Кога помалку зборуваш, помали се шансите и да згрешиш. Секако, сето ова е индивидуално и зависи од самата перцепција на личноста.

Јас мислам дека од секој човек можеш да купиш нешто. Има случаи кога личноста многу зборува и несвесно кажува информации за себе кои можеби во иднина некој злонамерник ќе ги злоупотреби. Јас сум се нашла во таква ситуација кога ќе кажам нешто, а потоа стопати ќе се покаам што излегло од мојата уста. Ќе го преживувам кажаното, особено ако констатирам дека некого сум погодила со моите зборови. Е тогаш ме прогонуваат зборовите на баба ми „Повеќе купувај, помалку продавај“.

Секогаш најдобро проаѓаат молчаливите, кои не создаваат непријатели, туку пријатели, кои знаат да слушаат, но притоа знаат да купат и некоја поука од нивниот соговорник. Предност на слушањето е и тоа што со соговорникот се создава поцврста релација, а колку е помудар слушателот, толку и она што го слуша ќе знае подлабоко да го анализира, па и да му даде соодветен совет. Ако соговорникот е плиток, тој на мудрите зборови ќе гледа како на обични реченици, или обични фрази, а кога некој е мудар, тој продира во нивната суштина и ги доживува како просветлување. Колку ти е поголема црпалката, толку и подлабоко ќе црпеш.

Особено им се восхитувам на оние луѓе кои молчат и слушаат, а потоа со две реченици ќе кажат сѐ, без многу филозофирање. Ех, да можевме сите во вистински момент да ги кажеме вистинските зборови. Како и да е, некогаш и фино ти е на душичката кога ќе продаваш нешто, кога паметуваш, само да не претеруваш.

Во секој случај, сите сме се нашле во ситуација и да продаваме и да купуваме, а само премногу мудрите купуваат и складираат.

Автор: Тоа сум јас
Имам две човечиња на рамена, едно лошо и едно добро. Ова лошото гледам да не дојде до збор. Сакам позитивни луѓе. Тешко е човек да каже нешто за себе, а да не e тоа карактеристика која тој си ја умислил, оти најлесно е кога се зборува за другите.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20098 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.