Една моја школска другарка имаше момче кое постојано ја навредуваше. „Види колку си ружна“, „Тргни го тој голем газ“, „Многу си глупа“ и други навреди кои навистина звучеа лошо да ги слушаш од страна, а не па да ти ги кажуваат.
Се шетаме еднаш јас и девојкава покрај поранешен скопски рекорд, кога одеднаш типчево се појавува од зад грб, ја фати за коса и почна да ја тегне. А таа пак, откако се освести што ѝ се случува, како некое диво животно да се разбуди во неа, скокна па кога таа го зграби за коса, тегне тој, тегне таа. Се подгрбавеа од болка, а јас стојам како некој судија на боксерски меч. Кога ќе се доближат, нели судијата ги разделува. Е така и јас, ги разделувам ама некако не ми оди од рака. Двајцата крупни високи, јас слабичка (треба два пати да им влезам во видокругот за да ме забележат), скокам како штурче околу нив. Си кажаа мајку-шајку, се смирија малку, се прегрнаа и си заминаа.
Тој ден долго пешачев од вознемиреност. Ај што ме изеде срам во центар на градот, но и целата случка ме потресе. Еднаш дојде помодрена на лицето на училиште! Не знам зошто упорно беше со тоа момче, а не беше ниту грда ниту глупава. Постојано се тешеше дека му е последен пат, а типчето секогаш ја уверуваше дека нема да се повтори повеќе.
Насилниците обично не ги почитуваат жените. Тие имаат желба за контрола, па „интересно“ беше како другаркава не смееше да направи нешто без негова дозвола. Да не се лажеме, сите имаме по малку желба за контрола, но да се управува со нечиј живот, мислам дека е претерано. И во случајов, не е тој крив, туку таа што му дозволи да ѝ го прави тоа.
Друга случка што ќе ја паметам e поврзана со една луда девојка која на шега му истури шише вода на еден тип кој вежбаше фитнес. Е таа сцена не можам да ја заборавам, билдеров со теговите в раце, накиснат со вода што му капе од носот, врие како котел на врел оган. Не знам колку бои смени од нервоза. Сметам дека да не го смиреше едно типче во клубот, девојкава ќе ја збумбареше од ќотек. Секунди беа во прашање. Типчето баш не знаеше да изброи до десет. Не дека девојкава е за оправдување, но има начин да се реши ситуацијата и без мускули, нели?!.
Многу жени го трпат партнерот со години. Иако се малтретирани и физички и психички, тие остануваат покрај него, бидејќи се принудени на тоа, најчесто и нема каде да одат, немаат избор. Кога жената е финансиски моќна, мислам дека полесно ѝ е да го прекрати насилството, било да е физичко или психичко. Замислете, некој секој ден да ви вели „Имаш голем газ“ или „Имаш голем нос“. И да си свесен за својот недостаток, некој ако постојано ви го труби тоа на глава, ќе почне да ви се чини дека носот ви е слоновска сурла, а задникот џиновска вреќа сало. Колку и да се бориш со ваквите мисли, сепак ако саканиот ти наоѓа вакви маани, што останува за другите. Еден ден ќе се разбудиш и ќе се посомневаш во себеси, ќе поверуваш во можноста дека тој е во право.
За да не дојде овој ден драги мои, веднаш избришете ги сомнежите. Сигурно тој е само искомплексирано типче, кое лечи комплекси со тоа што навредува некого. На тој начин тој само сака да се почувствува повреден од вас, оти неговата вредност е нула. Тој се чувствува мизерно и не е задоволен од себеси и смета дека и на другите треба да им го направи животот пекол. И не е проблем дали задникот ти е голем, туку дека тој не те прифаќа таквa, a ако тоа му пречи кај тебе, или нека крши глава или нека те прифати каква што си. Чаре за ова е да се има повеќе верба во себе, оти никој не е совршен, мора да се прифатиме со сите наши маани и доблести.
Да не дозволиме некој да нè навредува, оти грдите зборови се како отровни стрели кои ја трујат душата, навистина знаат многу да болат. Никому не носат арно, ниту на тој што ги кажува, ниту на оној кому се упатени. А најлошо од сè е што вечно се паметат.
P.S. Драги мои читатели ви посакувам убаво да ги поминете празниците и на виното и на љубовта, кој што си слави. Ве сакам :)!
Автор: Тоа сум јас
Имам две човечиња на рамена, едно лошо и едно добро. Ова лошото гледам да не дојде до збор. Сакам позитивни луѓе. Тешко е човек да каже нешто за себе, а да не e тоа карактеристика која тој си ја умислил, оти најлесно е кога се зборува за другите.