Почетна » Колумни » Ловец на приказни » Жената има моќ да ја насочи реката кон својата воденица!
Ловец на приказни

Жената има моќ да ја насочи реката кон својата воденица!

Познавам една девојка која е многу успешна, на секое поле, девојкава не е убавица, но навистина e многу шармантна и секси. Многу е интересно како мажите ја перципираат. Женава е полничка со нескладно тело, дебелки нозе, голем задник, мали гради, но има еден момент кај неа што фасцинира, таа знае како да се движи, како да се смешка, како да кокетира и не знаете колку сето тоа добро ѝ стои.

Да прашате некое машко, сите ќе ви кажат дека е многу згодна и убаво градена. Но тие не можат да ги видат нејзините физички недостатоци, оти се замаени од нејзиниот шарм, нејзината насмевка и нејзиното раскажување зачинето со драматика. Еден од нејзините најголеми адути ѝ е самодовербата и нејзината свест за сексуалната моќ што ја поседува. Ех, да видите само како мажите се собираат околу неа, како мачори околу мачка пред парење.

Жена

Друг таков пример, каде бев изненадена дека естетиката не игра голема улога, е раскажувањето, да не кажам „давењето“, на еден мој пријател за неговата колешка дека била многу убава. Кога се запознавме со девојкава, сите се изненадивме како изгледаше. Далеку од тоа што ни го кажуваше, ниедна естетска норма не исполнуваше. Интересно е што цело друштво го делевме истото мислење. Ех, да ни ги позајмеше неговите очи барем на еден ден, за да го почувствуваме тоа што тој го гледа, а ние не можевме да го видиме. Подоцна девојката ни стана многу мила.

Луѓето знаат да судат по надворешниот изглед сè додека не запознаат некого: имала голем нос, премногу слаби или полни нозе, шишките налево ги терала, а требало надесно, ушите и биле клемпави, и низа други забелешки. Ако жената зрачи со убава енергија и ако има содржина, тогаш нема утка, секој маж ќе биде уловен!

Мислам дека не е правило дека сите мажи сакаат жени со големи гради или убав задник. Тоа е фино за почеток, но моето искуство кажува дека пресудно за мажите е како тие ги доживуваат жените. Најважно од сè е како ние жените самите се доживуваме! Ако мислиме дека сме атрактивни и успешни, тогаш и сите околу нас ќе не сметаат за такви, оти, да не заборавиме дека ние со нашите постапки праќаме сигнали на околината, позитивни или негативни.

Ја паметите онаа приказна за „најгрдата жена во светот“. Таа ја надмина таа ситуација со надворешниот изглед и полека почна да ги остварува своите соништа, паметите само какви сурови пораки ѝ пишувале бездушни луѓе. Но, таа е вистински борец и е пример за сите жени во светот дека недостатоците може да се претворат во доблести. За мене таа е најубавата жена на светот, оти на сите им прати сигнали дека таа е успешна жена и дека секој може да ја насочи реката кон својата воденица.

Оваа девојка е поттик за девојките кои себеси се сметаат за неубави, дека треба да сменат нешто во својот живот, оти никој не сака депресивни луѓе што постојано се незадоволни од себе и сè нешто не им е по ќеф. Сите имаме некоја маана, но имаме и доблести, да оставиме убавите особини или талентот кој го поседуваме да излезат на површина.

Убавината е релативна работа, нешто што за некого е убаво, за друг не е. Некои сакаат естетски операции, па сакаат да си го поправат задникот или градите... Мојот став е дека жените можат да прават сè што ги исполнува. Ако не се задоволни од себе, и тоа нека го пробаат, сè за да се чувствуваат добро во сопствената кожа. Но мислам дека сепак на крајот нема да пресуди добриот задник или убавиот нос, туку умот кој е најважна ерогена зона.

Автор: Тоа сум јас
Имам две човечиња на рамена, едно лошо и едно добро. Ова лошото гледам да не дојде до збор. Сакам позитивни луѓе. Тешко е човек да каже нешто за себе, а да не e тоа карактеристика која тој си ја умислил, оти најлесно е кога се зборува за другите.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20782 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.