Почетна » Колумни » Ловец на приказни » Да си купам малку среќа!
Ловец на приказни

Да си купам малку среќа!

Ерих Фром е во право дека капитализмот го прави човекот Хомо конзумент. „Човекот, сакајќи да си ја пополни празнотијата што ја чувствува, има потреба да троши. Потребите стануваат сè поголеми, а тој е сè повеќе незаситен и незадоволен“ – вели Фром.

Шопинг

Одам во трговскиот центар Сити Мол, се движам низ луѓето, и ете, како и сите други и јас сум ликот од книгата што го опишува Фром, со ништо не се разликувам од луѓето што ги одминувам. Големите и моќни компании ја знаат психологијата на потрошувачот, тоа е цела наука.

Иако сум свесна за тоа што го правам, кога знам дека трошењето пари навистина е наметната состојба, јас не можам да одолеам на агресивните излози со крпчиња на кои пишува попуст, едноставно не знам да кажам, НЕ!

Особено периодот пред Нова година мислам дека е лудило, кога потрошувачката доживува кулминација.

Не знам од каде тој порив во мене, можеби како што вели Фром, сакам да пополнам некаква празнина... Mоре си велам, нека оди по ѓаволите, сакам да си купам малку среќа, па макар и пополнувала кратер во мојата душа за кој најверојатно не сум ни свесна дека постои. Да се разбереме, не дека ми треба нешто посебно, туку убаво ми е кога ќе се подновам со нешто, макар задоволството траело кратко. Замислете како било во минатото кога немало продавници, колку малку се трошело. Не само тоа, немало интернет, немало телевизија, немало билборди, а нели човек треба да види за да посака! Порано ништо не се нудело затоа и на луѓето и не им текнувало дека им треба.

Денес сè е поинаку. Ги знаете оние црни петоци на запад кога нестрпливо чекаат да отвори дуќанот и на јуриш влегуваат? Вистинска тепачка за да се потрошат пари. Вистина е на попуст, но сепак се трошат средства. Таму пак и венчаници се купуваат за недај боже, дивјачки се тегнат за парче облека, а богами ќе летне и по некоја заушка. Тоа е во Америка на пример, кај нас мислам, не е до толку. Но да се вратам на мојата случка, т.е. шопингот во Сити Мол.

Влегувам во една продавница на која со големи букви пишува ПОПУСТ. Иако цените беа високи, земав да пробам пантолони, во меѓувреме и една девојка држи во рацете блуза. За миг ја остави на пултот, посегнав да ја земам заради тоа што мислев дека ќе ми одговора со пантолоните. Одеднаш девојкава ми ја грабна од раце, ни „а“ ни „б“, се сврте и си отиде на каса. Јас останав со крената рака и подотворена уста. Мислам дека да не посегнев по блузата, можеби никогаш немаше да ја купи!

Каква е бре таа филозофија да грабнам јас, за случајно да не грабнеш ти. Можеби не беше сигурна дали ѝ се допаѓа производот, па јас ѝ помогнав побрзо да се одлучи. Замислете да бев некоја со краток фитиљ, па да ја потегнев за коса, па да ѝ подвикнев безобразно „Каде ма ти невоспитана низаедна?!“. Но, ете, не знам да правам скандали, а и навистина не знам како да реагирам во вакви ситуации. Тогаш си реков, слушај Фром, џабе ме набиваш со грижа на свест, оставиме да си купам малку среќа, оти какви има, јас сум супер.

P.S. Каков стана животецов мораш да грабнеш, за да не ти грабнат пред нос!

Автор: Тоа сум јас
Имам две човечиња на рамена, едно лошо и едно добро. Ова лошото гледам да не дојде до збор. Сакам позитивни луѓе. Тешко е човек да каже нешто за себе, а да не e тоа карактеристика која тој си ја умислил, оти најлесно е кога се зборува за другите.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 19729 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.