Ви се случило ли некогаш и тишината да ви биде пријатна со некого? Ваков беше и мојот однос со мојата пријателка со која се знаевме од мали нозе, а интензивно почнавме да се дружиме кога имав 13 години. Можете да замислите што сè знаеше за мене. На пример, една случка се прераскажуваше по сто пати. Се сеќавам на средбата со мојата симпатија, кога ненадејно излезе пред мене, а јас со виклер на главата и по влечки. Mи се тресеа нозете и трескав зелени пред типов! Резилов си го прераскажувавме по неколку пати, a кога муабетите ќе секнеа и молчењето ни беше убаво.
Еднаш си ветивме дека кога ќе остарееме, со батсумчиња ќе го шетаме светот. Таа ми беше другарка од маало, безрезервно ја сакав. Доаѓаше кај мене на спиење, јас кај неа, си разменувавме облека, правевме глупости, по цели денови бевме заедно. Сè додека не се случи една случка која го промени нашиот однос.
За една моја роденденска забава таа се опи, и тоа многу се опи. Не знаев што да ѝ правам! Одеднаш се струполи на земја. Бев ужасната од нејзиното безживотно тело. Со мојот братучед едвај успеавме да ја пренесеме до купатилото за да ја освестиме. Ја прскав со тушот, но таа не даваше знаци на живот. Ме фати паника. Паметам дека се јавив на Брза помош за да прашам како да ѝ помогнам. Знам дека докторот ми даваше упатства да ја стегнеме за стомак и да ѝ пикаме прсти во уста за да го исфрли алкохолот. Откако малку поврати, сè уште не беше при свест. Тоа беше невиден стрес за мене, цела ноќ бдеев над неа, чекав да се освести. Ми беше страв дека може да ѝ се случи нешто, оти беше како жив мртовец.
Утрината кога се разбуди, се подигна малку, се наведна кон мене и ми вели „Смрдам на алкохол?“, а потоа се подигна за да ѝ го помирисам здивот. „Труеш!“ – ѝ велам.
По некое време си замина дома, откако дозна нејзината мајка, ме набеди дека јас сум виновна за нејзиното губење на свест. Мојата другарка имаше навика да пие „на екс“ или до последна голтка. Иако сите ѝ велевме да не пие така, никогаш не нè послуша, си тераше по свое. Подоцна луѓето што беа присутни ми кажаа дека таа испила неколку чаши на екс. Фала богу што по таа ноќ таа беше добро. Но, нејзината мајка, која ја сакав и почитував како своја, многу ме повреди. Оттогаш престанавме и да се дружиме како порано, другаркава почна чудно да се однесува, почна да не ми се јавува, се врати од одмор и не ми се јави, што беше многу чудно. Вакво нешто претходно не можеше ниту на сон да се случи.
Одеднаш другарството прекина. Многу ми тежеше целата случка. Кај доживеав стрес со нејзиното пијанство, одозгора па и ме изгнасија со лажно обвинување. Чувствував голема празнина, со некој 24 часа си бил нон-стоп и одеднаш го нема во вашиот живот. И навредена и без пријател, сè додека еден ден не се помирив со состојбата дека таа оди по својот пат, јас по мојот.
Се дружев со многу луѓе, но никогаш дружењето не ми било како со неа. Мислам дека никој и не знаеше дека толку тагувам. По неколку години, откако увидела за грешката, нејзината мајка ми се извинуваше, но кога нешто ќе се скрши, лепи и поправај, пак се гледа пукнатината.
Никогаш сум немала проблем да си најдам друштво, но човек во чие друштво се чувствуваш комотно и слободно без стеги, тешко се наоѓа. Не можеш да се „разгаќиш“ пред секого.
Како минуваат годините, искуството нè учи да бидеме попретпазливи во односот кон другите. И токму таа претпазливост не ни дозволува да се чувствуваме слободно пред другите, се стегаме да си кажеме сè, се плашиме да ја соголиме душата оти не знаеш прво како ќе бидеш разбран, второ стравуваш да не бидеш злоупотребен, оти тешко се поднесуваат ударите.
И за крај да ви кажам дека по толку години, повторно се гледам со другаркава. До душа еднаш до двапати годишно, но интересно е што чувството е исто, како кога бевме девојчиња, само имаме повеќе години и помалку очекувања од дружењето, барем со мене е така. Одамна им простив и на двете и на мојата пријателка и на нејзината мајка, а тоа го направив заради себе, оти простувањето е како еден вид прочистување. Лутината кон некого само те растажува и заморува. Во моментот кога ќе им простиш на тие што те налутиле, си се ослободил.
Автор: Тоа сум јас
Имам две човечиња на рамена, едно лошо и едно добро. Ова лошото гледам да не дојде до збор. Сакам позитивни луѓе. Тешко е човек да каже нешто за себе, а да не e тоа карактеристика која тој си ја умислил, оти најлесно е кога се зборува за другите.