„Се чувствува возбудено -:) со Мирко, Петко и Станко...“, ваков статус често постира една моја пријателка која ми е особено драга и често ми изнудува насмевка со ставените фотографии на Фејсбук. Секогаш е во друштво, насмеана, гледајќи ја добиваш впечаток дека живее лудо забавен живот. За разлика од нејзиниот, мојот профил изгледа прилично досадно! Јас имам напишано едвај два статуса во мојата ФБ кариера. Скоро никогаш не постирам мои фотографии, се случува да ме „тагнат“ на слика, ако тоа се важи. Ниту моите текстови никогаш не ги ставам на статус. Некој ќе рече дека најверојатно сум една обична кукавица која се плаши од тоа што го снела. Можеби е и така.
И не дека сум горда со ваквиот статус, туку сакам да кажам дека сега засега не чувствувам потреба од промена. За во иднина, не знам. А и што да правам кога не се „возбудувам“-:) лесно. Интересни се овие опции на Фејсбук со кои се изразуваат емоции. Возбудени, вознемирени, среќни...
Сите некаде одат, се возбудуваат или се чувствуваат среќно. И не дека им завидуваш ним, туку се прашуваш дали ти живееш монотон живот, бидејќи во виртуелниот свет на Фејсбук се добива впечаток дека луѓето околу тебе живеат возбудлив живот, а ти дремеш пред компјутер или на телефонот сам. Тоа е исто интересен феномен – сите седат и се џарат во телефоните. По улици, по кафулиња, дома, дење, ноќе, Фејсбук е присутен насекаде. Со оваа социјална мрежа се дружиш виртуелно, а во суштина сам си.
Но, дали тие што пишуваат вакви статуси навистина се возбудени, среќни или тажни? Или сакаат на светот да му остават таков впечаток? Пријателкава што ја споменав на почетокот на текстот е пример на ваков „забавен фејсбукџија“. Кога конечно организиравме средба, седнавме во едно кафуле да пиеме кафе и таа веднаш сакаше да се „чекира“ на Фејсбук. Ја замолив да не го прави тоа. По разговорот насетив дека таа во суштина е многу несреќна и осамена, ништо не ѝ се случува, а се пожали дека и подолг период не може да си најде момче. Сфатив дека сето она што го гледав на Фејсбук е добра глума. Јас чекав да ми раскажува интересни случки, а таа едноставно немаше што да каже. Каков погрешен впечаток стекнав. Прво ѝ се одушевував за нејзиниот забавен живот, а потоа кога се разделивме, ми остана чувство на горчина. Денес сѐ е до впечатокот. Секако не значи дека се несреќни сите што постираат нешто слично. Некои и многу умно го користат Фејсбук како многу добар медиум за да се промовираат.
Некои од моите ФБ пријатели можеби и вистински се возбудени, но верувам дека некои сакаат само да изгледаат интересни, оти Фејсбук е театар. Каков лик сакаш да изградиш, како таков ќе те перцепираат. Ако сакаш другите да те гледаат како друштевен лик, фотографирај ја секоја средба со пријателите, ако сакаш да те перцепираат како заводник и опасен мангуп, сликај се со женски, па макар и ги молел за фотографирање.
Но има и еден друг момент што навлекува на Фејсбук. Тоа е дружење, ама без да го поместиш задникот. Умот и сетилата талкаат без поместување на твоето тело. Не мора да се подготвуваш за излегување. Можеш да бидеш седната на шолја во твоето купатило и од таму да испраќаш статуси „feeling среќно“. Со несредена коса, по тренерки или пижами, можеш да заведуваш, зашто тоа го правиш со зборови, а не со твојот физикус. Едноставно си невидлив нем набљудувач или пак видлив ФБ пријател кој споделува моменти. И секогаш имаш чувство дека нешто ќе пропуштиш ако не си таму.
Не паѓајте во депресија дека животот ви е мизерно досаден, гледајте си го со широко отворени очи. Некогаш не ги забележуваме работите кои ни се пред носот. Бидејќи виртуелниот живот што се креира на Фејсбук нема врска со реалниот. Нека не ве залажуваат статусите и фотографиите на вашите ФБ пријатели, оти никогаш не знаете како им е ним. Јас барем не се возбудувам лесно.
Автор: Тоа сум јас
Имам две човечиња на рамена, едно лошо и едно добро. Ова лошото гледам да не дојде до збор. Сакам позитивни луѓе. Тешко е човек да каже нешто за себе, а да не e тоа карактеристика која тој си ја умислил, оти најлесно е кога се зборува за другите.