Никому не му посакувам да талка по здравствените установи. Може толку многу да те заматкаат од една врата до друга, од една клиника до друга, и притоа да не го добиеш одговорот којшто го бараш, што и да си здрав, најверојатно ќе се разболиш.
Моето последно искуство со болничките ходници беше кога требаше да се направи проверка на крвта на едно од моите деца пред операција од крајници. Тоа е рутинска контрола, за лекарите да бидат сигурни дека пациентот нема инфекција и операцијата може да се изврши. Се вади крв на оториноларингологија и треба да се испита на клиниката за хематологија. Прво што ми беше сосема нејасно беше зошто јас треба да ја носам епруветата, наместо да биде однесена од некој од вработените, по службена должност. Кога влегов на хематологија, почнаа болките. Прво требаше да чекам, да влезам во една просторија во која има доктор и да објаснам зошто ми треба испитувањето кое го барам. Потоа требаше со документите да одам на шалтер. Но кога по долго чекање на шалтерот стигнав на ред, сестрата ми кажа дека не требало да чекам на тој шалтер, туку на другиот, иако претходно прашав и ми беше објаснето дека исто е на кој шалтер чекаш. Чекав одново на другиот шалтер, го добив печатот којшто требаше да го добијам, и ми остана уште епруветата со крв да ја оставам во лабораторијата, каде повторно чекав. И така, крвта извадена во 7.30 часот наутро, успеав да ја предадам во 13.00 часот. Го фатив последниот воз, бидејќи по 13.00 часот не примаат, во 14.00 веќе ги издаваат резултатите. И се разбира моето дете беше со мене целиот ден, бидејќи утрото требаше да му се извади крв, како доказ дека е здраво. Меѓу сите болни кои чекаа на истиот шалтер, не е ни чудо што се разболе, па операцијата моравме да ја одложиме и повторно да поминуваме низ истата процедура.
Не сакам ни да почнам да зборувам за детската болница за белодробни заболувања во Козле. Каква дезорганизација опасна по здравје владее таму, а колку е лесно да се реши, тоа е чудо! Се чека на еден шалтер пред кој сите се надерени и се буткаат едни преку други, а со нив се и болните деца, да не ги оставаат сами во чекалната којашто е блиску, но не се гледа од кај шалтерот. Децата сите со различни болести, кој каква бактерија има, кој пневмонија, кој не знам што, кашлаат, бувтаат и се заразуваат едно со друго. Откако ќе завршиш работа, одиш на друг шалтер да платиш, и потоа повторно се враќаш на првиот. И се разбира, и на другиве два чекаш. А можат само да отворат шалтер од кај чекалната, има можност, да ги стават едно до друго, и да биде песна! Ама некој треба да се ангажира!
Последниов период ми паднаа во очи рекламите за Протоколот за хоспитална култура, кои многу често ги слушам во автомобил. Прво, ова хоспитална култура како поим не знам од каде дојде. Не сум лектор, но сигурна сум дека можеле да најдат посоодветен термин – здравствена или болничка би било подобро. Заложбите да се сменат работите се во ред, затоа што навистина пациентите многу често се третирани како стока. Меѓутоа со претходно опишаните искуства, промените ми се чинат којзнае колку светлосни години далеку од нас. Дополнително, знам дека и покрај сите заложби, промени на подобро нема. Воведоа закажување да не чекаат пациентите цел ден, но закажуваат по 20 пациенти во ист термин.
Изговорот за односот кон пациентите е најчесто дека платите во здравството се мали. Платите се секаде мали и тоа воопшто не е никаков аргумент. Лекарите знаеле дека платите се мали уште пред да одлучат да станат лекари, и нема потреба да бараат изговори. Многу често се работи за углед, а углед секако имаат. Тоа што поминале 6 или 10 години учејќи е нивен избор и да не заборавиме дека има и луѓе од други професии кои бараат посветеност и постојана надградба. Не спорам дека лекарите имаат исклучително хумана професија, но тоа бара и соодветен однос. Дел од лекарите навистина ја избрале својата професија од хумани причини, но за таквите воопшто не би пишувала бидејќи тие се сосема поинакви, со многу коректен однос кон пациентите. Секоја чест за ваквиот персонал, но живеам за денот кога ќе станат мнозинство, а не исклучоци.
Кога сме веќе кај платите, матичните лекари може да се каже дека во моментот се и премногу платени, за работата што ја вршат. Повеќе наликуваат на писари, отколку на лекари. Ова не е критика кон матичните лекари туку кон системот кој им наложува да губат голем дел од своето време на административни работи, наместо да си ја вршата својата работа, т.е. да лекуваат луѓе. Сигурна сум дека медицинските сестри би можеле да преземат дел од оваа работа и да им олеснат на лекарите - како што е во странство.
Во некои земји во странство платите на лекарите се исто така мали, а сепак и тие имаат далеку похуман однос кон пациентите. За жал, сум имала искуства со болници во Србија, Хрватска, Бугарија, па и Германија, и однос како нашиот никаде нема. Со Германија не сакам ни да правам споредби, но од Србија и Хрватска сме навистина многу далеку.
Да не заборавиме дека за генералниот впечаток за односот на здравствените работници кон пациентите не се криви само лекарите. Останатиот медицински персонал, на пример медицинските сестри, многу почесто се оние кои прават болничкиот престој да ти биде едно од полошите искуства во животот. А би требало да го прават токму обратното.
Најжално од сè е тоа што за поголемиот дел од промените кои треба да се направат за пациентите да се чувствуваат како луѓе, не се потребни многу пари. Потребна е само добра организација и човечки однос. Истиот персонал во приватните клиники има сосема поинаков однос. Значи можело и поинаку.
Автор: Алиса
Алиса е жена во раните 30-ти години – во постојана трка со времето и потрага по баланс меѓу обврските на работа, со децата, домаќинството и образованието. Во постојана борба со себе, помеѓу посакуваната спонтаност од една страна и неопходната организираност од друга, помеѓу неодоливите чоколади и посакуваната линија, меѓу желбата за кафе со пријатели и редовното вежбање. Не може да живее без предизвици, а ништо не ја опушта како ден поминат во природа, пливање, или цел ден поминат зад волан – сама, со радиото.