Пред неколку дена син ми се врати од училиште со плачење, дури и со желба да се отпише од училиштето. Три деца од неговото училиште го задевале. Му ги фрлале сите работи од ранецот и го бутнале на земја. И тоа не се случило прв пат, туку веќе неколку пати.
Можеби не изгледа како ништо посебно, бидејќи среќа, не се случил поголем инцидент. Но со оглед на тоа што се работи за седумгодишни деца, мене и ова доволно ме загрижи. Не сакам да делувам премногу заштитнички и сакам да го научам да се снаоѓа во вакви ситуации. Денес можеби и можам да го одбранам, но за неколку години веќе нема да можам. А за волја на вистината, на вакви насилници ќе наидува целиот свој живот.
Да биде иронијата поголема, училиштето насекаде истакнува дека во него се спроведува проект насочен кон намалување на насилството меѓу учениците. Жално е тоа што од кажувањата на родители во други училишта, состојбата е секаде иста, а има и такви во кои е многу полоша.
Најстрашно од сè е тоа што родителите го толерираат насилството. Безброј пати ми се случило некое дете да почне да ги задева другите, па дури и да фрла со камења по нив, а родителите седат на клупа, гледаат што се случува и не реагираат.
Ако дете од предучилишна возраст се однесува така, тогаш што ќе стане од него понатаму? Ќе станува сè поагресивно, и ќе се развие во млад, а подоцна и возрасен човек кај кој насилството е најнормална реакција, дури и пожелен начин за успешно решавање на проблемите. И нормално, ако утре има семејство, неговите деца што друго би научиле, освен тоа дека насилството е нормална појава.
Насилството премногу се толерира, а не смее да биде така. Затоа денес имаме млади луѓе што се тепаат во автобуси или во училишните дворови. Затоа имаме расправии за паркинг место кои завршуваат со пресметка со оружје. Затоа имаме семејни расправии за банални причини коишто завршуваат со убиства.
Ваквите случки се најчесто кулминација на долгогодишни фрустрации кои може да доаѓаат од сосема друга страна. Целокупната состојба во која се наоѓаме само креира фрустрации кои се акумулираат и прашање е каде и како ќе се манифестираат. Од друга страна пак, има многу луѓе кои се однесуваат безобразно и дрско, но ако ги заплашиш, веднаш се менуваат. Тие даваат дополнителен стимул за насилно однесување. Нефункционалниот систем кој не ги заштитува никако оние што ги почитуваат правилата е уште еден дополнителен аргумент за насилството, којшто придонесува да се продлабочува сè повеќе.
И покрај тоа што категорично сум против насилство, често размислувам дали можеби ставот ми е погрешен. Можеби родителите кои ги учат своите деца да се однесуваат насилно имаат право, затоа што само така може да просперира во нашето општество. Дури и да не бидеш насилен, во најголемиот број случаи добро е барем да покажеш дека можеш да возвратиш со иста мера, и веднаш да добиеш поинаков третман. Силни јунаци се нашите силеџии, најчесто бараат некој послаб да си ги одмерат силите.
Бидејќи чувствував дека морам да им помогнам на моите деца, а не мислам дека треба да ги воспитувам поинаку од порано, да бидат фини и културни деца, а не невоспитани силеџии, ги запишав на курс за самоодбрана. Се надевам дека никогаш нема да им треба, но поверојатно е дека некогаш ќе им се најде. Очекувам барем самодовербата да им се зголеми, а и да можат да се одбранат од невоспитаните. Сум ги одгледувала и воспитувала да бидат добри деца, утре совесни граѓани, а не некој да ми ги малтретира.
За најголемиот дел од проблемите мислам дека најдоброто решение е секој да тргне од себе. Во случајот на насилството, мислам дека сè додека државата не функционира како што треба, насилството не само што нема да се намали, туку ќе зема сè поголем замав. Колку и јас да тргнувам од себе, ако некој друг не тргне од себе, јас или моите деца ќе го извлечеме подебелиот крај.
Автор: Алиса
Алиса е жена во раните 30-ти години – во постојана трка со времето и потрага по баланс меѓу обврските на работа, со децата, домаќинството и образованието. Во постојана борба со себе, помеѓу посакуваната спонтаност од една страна и неопходната организираност од друга, помеѓу неодоливите чоколади и посакуваната линија, меѓу желбата за кафе со пријатели и редовното вежбање. Не може да живее без предизвици, а ништо не ја опушта како ден поминат во природа, пливање, или цел ден поминат зад волан – сама, со радиото.