Во земјата на чудата

Имај трето дете

„Децата се најголемото богатство што еден човек може да го има. Ништо на светот не е поважно од нив.“

Ова беше една од првите животни лекции што ја добив од мајка ми. Веројатно ја добив премногу рано, затоа што тогаш ми звучеше премногу апстрактно. Но, несомнено остави печат врз моето дооформување како личност, особено за поставување на моите приоритети.

Бебе

И покрај тоа што семејството за мене е прв приоритет, рекламите за многудетни семејства со кои сме опсипани последниве неколку години веќе почнуваат да ме иритираат. Многу ретко гледам телевизија, но кога и случајно да се најдам пред телевизор, задолжително пред очи ми излегува некоја од рекламите со мајките во многудетните семејства, или оние во кои партнерите постојано го одложуваат создавањето семејство и на крај остануваат сами. А врв ми е онаа – „Каков и да си, твоето дете ќе те сака“. Не можам и не сакам да ја сфатам нејзината поента. И постојано има некоја нова реклама, никнуваат како печурки по дожд. 

Во ред е да се има политика за стимулација на наталитетот, ама да се претерува со реклами за многудетно семејство кои постојано се вртат на телевизија, е тоа е премногу. Ми се допаѓа мерката за паричен надомест за трето дете и мислам дека многу семејства кои сакале да имаат трето дете, но немале финансиска можност, одлучиле да го прошират семејството откако е воведена оваа помош.

Од друга страна, ако детето не е редовно вакцинирано, или пак ако контролите во бременоста не се редовно правени, мајката нема право на надомест. Во време кога аутизмот се повеќе се поврзува со вакцините ММР, ние имаме задолжителна имунизација и уште ја условуваме паричната помош со редовна вакцинација. 

Во истата насока се и затегнатите прописи за абортус. Советување, дозволи, администрација која ја отежнува и оддолжува и онака тешката и болна одлука. Секој треба да знае за последиците по сопственото здравје, но од комплицирањето на процесот јас не можам да видам никаква корист за никого.

Секој родител знае дека децата се најскапоценото нешто во животот, и без да имал лекција како онаа што јас ја добив од мајка ми. Сигурна сум дека повеќето родители би сакале да имаат повеќе деца. Но сигурно има причини поради кои не се одлучуваат на таков чекор.

Има семејства на кои овие 8.000 денари месечно не им се ни приближно доволни да ги извлечат од мизерната економска состојба во која се наоѓаат. Едвај излегуваат на крај во месецот со едно, а со три, не можат да замислат како би било. Сакаат да им овозможат на децата барем минимални услови за живот. 

Има и родители кои подоцна добиле деца, па биолошкиот часовник не им дозволува да дојдат до три. Често одложувањето на формирањето семејство се случува поради фокусирање на кариерата во нивните 20-ти и почетокот на нивните 30-ти години. И не мислам дека тоа е одраз на себичност, како што често се случува да бидат окарактеризирани, туку желба за стекнување некаква материјална сигурност пред да создадат семејство. Според мене, тоа е сосема разумна одлука. 

Не мислам дека човек треба да ги има решено сите други животни прашања пред да одлучи да има деца. Некои работи поубаво е да се прават заедно. Но основни услови или барем некаква перспектива за иднината би требало да се има. Не гледам поента во тоа да се раѓаат деца, без да можат да им се овозможат основни услови за живот. Не мора да имаш сопствен стан, или да имаш доволно средства да можеш да им овозможиш приватно образование, но да немаш основни услови за живот и да планираш многудетно семејство, е тоа не го разбирам. Каков живот ќе имаат тие деца?

Има луѓе кои едноставно се истрошени од животот под притисок кој сите го живееме, и немаат енергија за повеќе деца. Немаат кој да им ги причува ако има потреба, на работа постојано се со нервози, и повеќе ангажман од оној што го имаат во моментот не можат да издржат. Не е само раѓањето, на децата треба и да им се посвети време.

Суровиот капитализам се одразува врз планирањето на семејството. Имам неколку пријателки кои изгубија работа кога се породија. Ништо противзаконски, беа на договор на определено време, им завршил и работодавците си нашле замена, затоа што девет месеци не се малку. Едвај дојдоа до работа, и ја изгубија кога создадоа семејство. Ова и се случи и на снаа ми. И знаете што се случи? Бидејќи тука две години потоа не успеа да најде работа, си ги спакуваа парталите со брат ми и се преселија преку големата бара. 

Со вака динамичен живот, да бидеш мајка не е воопшто лесно. Едвај наоѓаш работа и се радуваш што конечно ќе си го средиш животот. Те условуваат да не останеш бремена неколку години ако сакаш да ја задржиш работата. Кога ќе имаш дете, се враќаш од породилно отсуство, детето се разболува неколку пати, и веќе на второто боледување сите те гледаат попреку. Немаш можност за работа со половина работно време, а и да има таква можност, не ти паѓа на памет да побараш такво нешто, бидејќи може да ја изгубиш едвај добиената работа.

И да не заборавиме дека има многу луѓе кои не можат да имаат деца. Често околината им лепи неосновани етикети на себични ликови, а кутрите тие којзнае низ што сè поминале. Прегледи, испитувања, тестови и разочарувања секој месец, по неколку безуспешни вештачки оплодувања и безброј пати одговарање на прашањето „Ајде, што чекате?“... Познавам и такви кои имаа дури и безуспешни обиди на носење на плодот од сурогат мајка, кои во странство чинат цело богатство, но сепак околината ги етикетира само затоа што никој не знае низ какви маки минуваат. Нивно право е да си ја чуваат приватноста.

Јас имам две деца. Иако теоретски отсекогаш сум сакала да имам три деца, времето ќе покаже дали тоа ќе се случи. Но сигурна сум дека ниту една реклама нема да нè убеди мене и сопругот да имаме трето дете, ниту пак ќе влијае побрзо да донесеме таква одлука. Ако имаме, тоа ќе биде кога ние ќе бидеме подготвени на таков чекор. 

За многудетно семејство не требаат скапи реклами, туку услови за пристоен живот.

Автор: Алиса
Алиса е жена во раните 30-ти години – во постојана трка со времето и потрага по баланс меѓу обврските на работа, со децата, домаќинството и образованието. Во постојана борба со себе, помеѓу посакуваната спонтаност од една страна и неопходната организираност од друга, помеѓу неодоливите чоколади и посакуваната линија, меѓу желбата за кафе со пријатели и редовното вежбање. Не може да живее без предизвици, а ништо не ја опушта како ден поминат во природа, пливање, или цел ден поминат зад волан – сама, со радиото.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 19729 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.