Почетна » Колумни » Во земјата на чудата » Живот под притисок
Во земјата на чудата

Живот под притисок

Ѕвони телефон. Растревожена затоа што сум прекината во работата во која сум задлабочена, нервозно одговарам: „Да?“ Од другата страна се слуша глас:

„Здраво Алиса, што те нема во последно време? Кога ќе се видиме?“

„Леле периодов ептен ме фати гужва! Само малку да се ослободам од обврски и веднаш ќе те барам!“

Понекогаш се прашувам зошто воопшто на луѓето им кажувам дека ќе ги побарам? И очекувам ли воопшто некогаш да се ослободам од обврски? Веројатно се надевам дека сепак тоа ќе се случи и дека ќе ги видам сите луѓе кои ми се драги, но едноставно не успевам да најдам време за нив.

Жена под стрес

Во работните денови или децата ги носам на воншколски активности, или го поминувам времето со нив во проверка на нивните домашни задачи и други обврски околу училиштето. Откако ќе легнат, гледам да средам дома и да зготвам за следниот ден. И кога ќе завршам, сфаќам дека се ближи полноќ, и морам да спијам, ако сакам да функционирам нормално следниот ден.

Слободното време кое можам да си го дозволам само за викендите го користам да се видам со најблиските – семејството и најблиските пријатели кои можат да се избројат на две раце. Во сите други планови секогаш ќе се најде и некој детски роденден, слава или друг сличен настан. И среќа што ги има, затоа што тоа е еден од начините да се видиш со повеќе луѓе.

И ќе беше многу поподносливо доколку ова беа сите обврски во неделата. Но којзнае колку пати се случило да морам да се задржам на работа или пак да работам од дома доцна навечер. Колку само бессони ноќи сум поминала, обидувајќи се да решам некое важно прашање поврзано со работата. Колку и да сака човек да се огради од прекувремената работа, во земја со стапка на невработеност од околу 30%, јас не би ризикувала да ја изгубам работата од која живеам и до која сум дошла со многу пот.

Самата работа е толку динамична што некогаш имам чувство дека немам време ни воздух да земам, а за пауза не станува ни збор. Таква е мојата динамика и динамиката на моите колеги, но и онаа на моите пријатели. Секој ден сме притиснати од нови рокови. Едни завршуваш, а веќе те чекаат нови. Сè е за вчера.

Се пронаоѓате во претходно напишаното? Имате ли понекогаш чувство дека не можете да издржите ниту еден ден повеќе живот под ваков притисок?

Секој ден е нова трка. Деновите наликуваат еден на друг, а годините поминуваат. Децата растат, а ние „чекаме да остариме“, како што милува да каже мојот сопруг. Се трудиме да извлечеме максимум од животот, но реалноста е дека сме во постојана трка со времето и под константен стрес. Секој ден „во гужва“.

Честопати се прашувам уште колку долго може да издржиме да живееме со ова темпо. Едно е сигурно, нема да издржам уште 30 години, колку што ми преостануваат до пензија. Сè почесто мислам дека воопшто нема ни да дочекам пензија, ако ги земам предвид и неквалитетната храна и недоволното движење. За повеќе движење во моментов можам само да сонувам, затоа што и без тоа не ми стигнува време за ништо. Немам од кого да набавувам храна одгледувана без пестициди или месо без хормони.

Намалување на стресот, квалитетната храна и физичката активност се клучни фактори за здрав живот, се разбира заедно со гените. Прашање е колку навистина можеме да ги подобриме, иако за животот се работи.

Автор: Алиса
Алиса е жена во раните 30-ти години – во постојана трка со времето и потрага по баланс меѓу обврските на работа, со децата, домаќинството и образованието. Во постојана борба со себе, помеѓу посакуваната спонтаност од една страна и неопходната организираност од друга, помеѓу неодоливите чоколади и посакуваната линија, меѓу желбата за кафе со пријатели и редовното вежбање. Не може да живее без предизвици, а ништо не ја опушта како ден поминат во природа, пливање, или цел ден поминат зад волан – сама, со радиото.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 19729 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.