Пред неполн час буквално се збунив од една случка, којашто ме инспирира да ја напишам денешнава колумна. На еден паркинг во строгиот центар на Скопје, гледам една навидум фина, културна и секако убаво дотерана девојка на околу 20 години како оди некаде. Со едната рака го држеше мобилниот телефон на којшто разговараше, а во другата рака имаше вреќа со отпадоци. Полека помина зад мојот автомобил, а јас подзастанав мислејќи дека се збунила бидејќи зборува на телефон, па по грешка сака да ја стави вреќата со ѓубре во мојот автомобил, мислејќи дека е нејзин. Таа ме погледна, за момент се збуни, но следниот момент веќе ладно ја стави вреќата до ѕидот до кој беше паркиран мојот автомобил, и се оддалечи сé уште зборувајќи на телефон. Ѝ викнав: „Девојко, а вреќава?“, но таа се направи дека не ме слуша и замина. Не можам ни да опишам колку непријатно бев изненадена! Попусто е дотерувањето, кога девојката немаше една од основните работи – домашно воспитување!
Можеби и немаше да бидам толку непријатно изненадена, да не бев сведок на една друга, слична случка пред неколку дена. На автобуската станица во мојата населба има неколку продавници и една аптека, а пред нив најчесто има паркирани автомобили од луѓето кои застануваат да земат нешто и веднаш продолжуваат. Една стара бабичка, очигледно изморена, бидејќи едвај се движеше, се потрпела на еден од паркираните автомобили, да се одмори, па да продолжи по патот. Една повозрасна жена излезе од продавницата, влезе во автомобилот на кој беше потпрена бабичката, го запали и тргна. Среќа што бабичката успеа да се тргне, инаку ќе паднеше. Не ми се веруваше како е можно госпоѓата воопшто да не се ни обиде да ѝ каже на бабичката дека треба да замине со автомобилот, или пак барем да почека бабичката да се тргне од автомобилот.
Две грди случки кои укажуваат дека луѓето се сметаат за центар на светот, а ништо околу нив не е важно. И одлично ќе беше да беа само тие две. На секој чекор има вакви случки кои сведочат за домашното воспитување, или подобро кажано невоспитување, на голем број луѓе, за жал. Да не се мисли на никој и ништо околу себе, туку само на себе, и сопственото време. Без никаква трошка хуманост во себе.
Честопати се прашувам од кога луѓето без домашно воспитување станаа помногубројни од оние кои се добро воспитани? Кога и каде ја изгубивме хуманоста? И што воопшто мислат луѓето кои се однесуваат вака?
Најверојатно одговорот лежи во транзицијата. Но искрено, преку глава ми е од тоа транзицијата да биде изговор за изгубените вредности. Доста е, време е да се вратиме на вистинскиот пат.
Сé што треба е да ги почитуваме другите, што не е воопшто тешко. Да помислиме малку на чувствата и потребите на другите, пред да кажеме или направиме нешто. Вреди да се обидеме да се однесуваме подобро, па дури и од крајно себични причини. Ако се однесувам добро кон другите, и тие ќе се однесуваат добро кон мене. Ако им помагам на луѓето во неволја, и јас кога ќе бидам во неволја, ќе има кој да ми помогне.
Се надевам дека секој од нас ќе размисли што би добиле, а што би изгубиле ако се однесуваме со почит кон другите, иако во моментот можеби привидно би изгледало дека тоа е на наша штета. Без разлика дали се однесува на паркирање на место за кое некој веќе дал сигнал дека ќе се паркира, оставање отпадоци во нечиј двор, пропуштање на пешаците или некој кој сака да се престрои во нашата лента од коловозот, враќање на вишокот кусур во продавница и милион други случки во кои често се однесуваме без грам почит кон другите, себично мислејќи само на себе.
Автор: Алиса
Алиса е жена во раните 30-ти години – во постојана трка со времето и потрага по баланс меѓу обврските на работа, со децата, домаќинството и образованието. Во постојана борба со себе, помеѓу посакуваната спонтаност од една страна и неопходната организираност од друга, помеѓу неодоливите чоколади и посакуваната линија, меѓу желбата за кафе со пријатели и редовното вежбање. Не може да живее без предизвици, а ништо не ја опушта како ден поминат во природа, пливање, или цел ден поминат зад волан – сама, со радиото.