Почетна » Колумни » Во земјата на чудата » Граѓаните VS Јавната администрација
Во земјата на чудата

Граѓаните VS Јавната администрација

Вчера бев во една јавна институција, и чекајќи на шалтерот да се појави вработениот којшто не беше на своето работно место, во очи ми падна налепницата на шалтерот – Оцени ја администрацијата. Учтиво го поздравив вработениот на шалтер кој не ме удостои ниту со поглед, ниту со поздрав, и без збор почекав да го доврши разгледувањето на документите кои ги имаше пред себе. По некое време крена глава, ги зема документите кои беа ставени пред мене и ги заведе. Потоа, без да изусти ниту збор, отиде некаде со моите оригинални документи, а јас останав занемена на шалтерот. Како да беше којзнае колку тешко да ме поздрави, или да ми објасни дека треба да отиде во друга канцеларија, за да му стават печат на документот којшто ми беше потребен.

На тој шалтер немаше можност да се оцени државниот службеник. А и да имаше, како да го оценам ваквото однесување? И сепак, колку и да беше нељубезен, барем завршив работа на крај! На колкумина од нас им се случило да не бидат соодветно услужени од некоја државна институција? Претпоставувам дека нема некој кому не му се случило да му се издере некој од јавната администрација. И нема некој кому не му се случило да му треба очајно многу време да заврши некоја работа по шалтери.

Документи

Не дај Боже да ти треба нешто поспецифично. Подобро земи си годишен одмор за да ја завршиш работата, затоа што со кратко излегување од работа, сигурно нема да завршиш сѐ. Најчесто луташ од шалтер на шалтер, прашувајќи каде треба да се заврши работата. А најголема глупост е тоа што ако си роден во друг град, иако можеби со години не живееш таму, сепак мораш да одиш таму за да извадиш некои поважни документи, како на пример извод. Не знам што ги чини да овозможат да се поднесуваат документи каде што живееш, па потоа тие по службена должност да препратат документи каде што треба, и да си го добиеш по пошта или повторно во местото на живеење. Како тоа да е којзнае колку сложена работа.

И на крајот, врвот на сè, е кога конечно ќе го најдеш вистинскиот човек кој треба да ти заврши работа, излегува дека е на одмор или на боледување. Се разбира, никој не го менува. Само тој има пристап до документите, и треба да се чека додека се врати, па макар и една година. Верувале или не, јас навистина чекав една година во општина да се врати еден вработен којшто беше на боледување една година. Луѓе сме, секому може да му се случи да се разболи, ама институцијата не смее да дозволи граѓанинот да го почувствува отсуството на некој вработен. Услугите мора да се испорачаат на време и со добар квалитет, а раководството треба да најде начин да го постигне тоа.

Знам дека и граѓаните не се „цвеќиња за мирисање“. Многу често сум слушала дека некој оди на шалтер да се испокара, и луѓето често го кажуваат тоа со таков жар, што се прашувам какви ли фрустрации се кријат зад задоволството од тоа карање. Знам дека граѓаните често имаат и некомплетна документација, па кога ќе им побараш нешто дополнително веднаш се распламтуваат како да сте им опцуле мајка. Но, прво прашајте се дали имате истакнато кои документи се потребни за да се издаде некој потребен документ. Во тој поглед, веб страните на многу институции се очајни. И страната за услуги, и општинските страни на кои се одговара на прашања на граѓаните многу често воопшто не одговараат на поставените прашања. А ако немаат информација, како да знаат граѓаните што треба да понесат со себе?

На страна од сите процедури и недостаток на информации, сепак најголемиот проблем според мене е нехуманиот однос на голем дел од вработените во јавната администрација. Лошиот однос на граѓаните е само реакција на односот на државните службеници. Од она што го имам видено, врв на нехуманоста беше процедурата за вадење пасош, набрзо откако се воведоа биометриските патни исправи. Имаше толку лоша организација, ако тоа воопшто може да се нарече организација, и толку голема гужва, што се чекаше буквално со саати. Граѓаните беа толку исфрустрирани од чекањето, што ја изгубија сета хуманост што ја имаа во себе. Грубо се поттурнуваа едни со други со лакти, не дозволуваа никој да добие предност, ниту бремени жени во поодмината бременост, ниту мали бебиња кои плачеа на сиот глас, ниту болни, ниту постари, никој!

Драги претставници на јавната администрација, чувствувам потреба да ви разјаснам нешто што најверојатно не ви е сосема јасно. Не постоиме ние граѓаните за вас, за да ви го пополниме работното време и да ги истурате вашите фрустрации на нас. Вие, вработените во јавната администрација постоите, т.е. сте ги добиле вашите работни места за нам да ни ги испорачате услугите кои законски ни следуваат. И да ви откријам една тајна: не ве плаќа Владата или институцијата во којашто работите – парите за вашите плати ги издвојуваме ние, граѓаните кои редовно плаќаме даноци.

За среќа, во јавната администрација има и многу луѓе кои одлично си ја вршат работата и секогаш се трудат да им помогнат на граѓаните. Иако овие се малцинство, се надевам дека ќе стануваат се помногубројни, и еден ден јавната администрација ќе биде онаква каква што треба да биде. Само за тоа да се случи, треба да се цени трудот на работното место, а не трудот во политичката партија. Сѐ додека политичката партија се става над сите интереси, можеме само да сонуваме за јавна администрација каква што заслужуваме да имаме.

Автор: Алиса
Алиса е жена во раните 30-ти години – во постојана трка со времето и потрага по баланс меѓу обврските на работа, со децата, домаќинството и образованието. Во постојана борба со себе, помеѓу посакуваната спонтаност од една страна и неопходната организираност од друга, помеѓу неодоливите чоколади и посакуваната линија, меѓу желбата за кафе со пријатели и редовното вежбање. Не може да живее без предизвици, а ништо не ја опушта како ден поминат во природа, пливање, или цел ден поминат зад волан – сама, со радиото.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 19743 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.