Почетна » Колумни » Во земјата на чудата » Големите очекувања
Во земјата на чудата

Големите очекувања

Честопати сум се прашувала дали големите очекувања се причина за големи разочарувања. Kако да го поставиме идеалното ниво на очекувањата, за да бидеме доволно амбициозни, но истовремено и среќни? Овие прашања одамна ми се вртат низ глава, уште како дете, кога моето семејство го споредував со другите семејства во мојата населба.

Амбициозност

Живеев во една населба во која најчесто во семејствата работат само мажите, а жените се задолжени за домаќинството. Најголемиот дел од нив завршуваат најмногу осмо одделение, а многу често ни толку, со образложение дека не им треба училиште, учат само колку да научат да читаат и пишуваат. Жените стануваат наутро, подготвуваат појадок, ги испраќаат децата на училишта и мажите на работа. Потоа ја средуваат куќата, пијат кафе со комшиките, прават ручек и ги пречекуваат мажот и децата. Попладнето си го поминуваат заедно со семејството, со семеен ручек, а вечерите многу често во друштво на роднини. Куќите секогаш им се средени, а жените најчесто се весели и расположени. Жените се среќни со својата положба, немаат амбиции да работат и да се реализираат на професионален план, важно им е само семејството.

Во истата населба живеев и јас, со моите родители и брат ми. Сите со високо образование, и некоја постојана надградба, без разлика дали е формална или неформална, која нé исполнува, но ни го пополнува и времето. Заеднички семејни ручеци вообичаено имавме за викендите, но со пријатели се гледавме прилично често. Домаќинството често беше запоставено затоа што не можевме да постигнеме сé, или поточно не успеваше да постигне мајка ми, којашто го носеше најголемиот товар околу домаќинството. Од мајка ми се очекуваше да биде супер жена – добра домаќинка која одлично ги завршува работните задачи и напредува во кариерата и секогаш е добро средена. Сите го очекуваа тоа од неа, вклучувајќи се и самата таа. Како резултат на тоа, таа често беше преморена и заспиваше многу рано, или пак имаше страшни главоболки, но сепак не успеваше да постигне сè и покрај сите напори кои ѝ ја црпеа целата енергија.

Многу пати се прашував кој е посреќен – дали моето семејство, во кое сите се амбициозни и постојано се трудат да се надградат и истовремено да се занимаваат со милион работи или моите соседи кои имаа пониски очекувања од животот, но делуваа многу поодморени и зрачеа со позитивна енергија.

Со сé уште неодговорено прашање, се омажив и јас и основав свое семејство. Стапив во брак со очекување дека помеѓу мене и мојот најсакан ќе има почит, љубов, верност и разбирање. Очекував дека во моето семејство обврските околу домаќинството ќе бидат поделени помеѓу мене и мојот сопруг на еднакви делови. Дека заедно ќе чистиме, заедно ќе готвиме, и потоа ќе си имаме повеќе време за нас. Очекував дека ќе имам среден дом, а истовремено ќе имам доволно време за себе, вклучувајќи го тука и времето за професионална или лична надградба. Очекував дека обврските ќе ги поделиме на еднакви половини, а кога излезе дека не е така, многу бев несреќна. Помина некое време во кое бев полна со фрустрации затоа што работите не се одвиваа како што очекував. Сé додека еден ден не сфатив дека и не ми е толку важно дали обврските ќе ги делиме 50-50 или 70-30. Со други зборови кажано, си ги намалив очекувањата и повторно бев среќна. Не ги намалив за некои клучни работи, како на пример почит, верност и други за мене многу важни работи, туку за нешто што веројатно и не ми беше толку важно, а сепак ме правеше несреќна.

Не знам дали постапив правилно што наместо да се борам да добијам подобра распределба на задачи во домаќинството, јас си ги намалив очекувањата кои не ми се важни. Некој би инсистирал на поделба 50-50, иако тоа кај партнерот би предизвикало фрустрации, можеби по некое време работите би се разрешиле, а можеби и не – можеби фрустрациите би растеле сé додека не дојдат до точка од која нема враќање. Во мојот случај, со оглед на тоа што по намалувањата на очекувањата бев среќна, веројатно одлуката била на место. Можеби претходните очекувања воопшто не ми биле реални.

Големите нереални очекувања носат разочарувања. Ако не ви оди најдобро, но очекуваш дека кога ќе се земете ќе се смени – најверојатно се лажеш. Ако очекуваш дека ќе се вработиш на добра позиција и по струка веднаш по дипломирањето, имајќи ја предвид ситуацијата во земјава – големи се шансите дека ќе се разочараш. Ако очекуваш дека ќе направиш милиони преку ноќ со сопствен бизнис кој чесно го работиш – повторно веројатноста од разочарување е голема. Додека еден човек би се задоволил со љубов, разбирање и леб, друг би страдал по богатство, моќ и слава. На многу луѓе доволно им е да имаат нахрането семејство полно со љубов и покрив над глава за да бидат среќни. Најчесто луѓето со помали очекувања се посреќни, затоа што полесно ги исполнуваат. 

Сепак, важно е да имаш планови и очекувања од животот. Немањето очекувања или премногу ниските очекувања можат да нé доведат до друга крајност. Пред некое време гледав еден документарен филм за семејно насилство. Прашуваат една жена, која патем речено беше во поодмината бременост:

- Те тепа ли мажот?

- Ме тепа, ама кога не сум послушна.

- Кога те истепа последен пат?

- Пред два-три дена.

- А зошто те тепаше?

- Ми загоре ручекот.

- Мислиш ли дека беше крива и дека заслужи да те истепа?

- Па крива бев, ми загоре ручекот.

Останав подзината од она што го слушнав. Од реакцијата на жената која сметаше дека е во ред мажот да ја тепа. Веројатно беше израсната во таква средина без поинакви очекувања, и сметаше дека е сосема во ред таквото однесување. И воопшто не изгледаше несреќна.

Мудрост е да се постават реални очекувања, за чие исполнување треба да работиме, но и да бидат остварливи. Не верувам дека има некој којшто има формула како да се постават очекувањата за да се има идеалниот баланс. Секој треба да си го најде својот начин на управување со очекувањата.

Јас одлучив дека секогаш кога ќе наидам на пречка за исполнување на очекувањата ќе се запрашам дали навистина толку ми значи тоа? Ако одговорот е НЕ – ќе си ги намалам очекувањата и веројатно ќе бидам посреќна. Ако одговорот е ДА – ќе запнам со сета сила да ги надминам сите пречки и да го исполнам!

Автор: Алиса
Алиса е жена во раните 30-ти години – во постојана трка со времето и потрага по баланс меѓу обврските на работа, со децата, домаќинството и образованието. Во постојана борба со себе, помеѓу посакуваната спонтаност од една страна и неопходната организираност од друга, помеѓу неодоливите чоколади и посакуваната линија, меѓу желбата за кафе со пријатели и редовното вежбање. Не може да живее без предизвици, а ништо не ја опушта како ден поминат во природа, пливање, или цел ден поминат зад волан – сама, со радиото.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 19671 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.