Во земјата на чудата

Should I stay or should I go?

Сигурна сум дека секој од нас барем еднаш во животот си го поставил ова прашање – Should I stay or should I go?. Не познавам некој кој барем еднаш не се запрашал дали вреди да се остане во Македонија или иднината треба да ја бара во некоја од поразвиените земји.

Размислувањето за напуштање на татковината и барање подобра среќа во некоја од ветените земји е особено актуелно меѓу младите. И има зошто – стапката на невработеност на младите се проценува на околу 54%. Во најголемиот број од огласите за вработување се бара работно искуство, кое младите сé уште немале можност да го стекнат.

Истовремено, младите кои ја напуштаат Македонија најчесто брзо се снаоѓаат, и за неколку години веќе имаат убав живот, неспоредлив со овој тука. А такви приказни има многу, затоа што бројот на оние кои ја напуштиле земјата е огромен. Според одредени проценки направени во 2006 година, околу 25% од квалификуваниот кадар од Македонија се иселил од земјава. Оваа бројка ја прави Македонија лидер во регионот по бројот на иселување на квалификуван кадар. Додека од околните земји вообичаено заминуваат помалку образованите луѓе, Македонија ја напуштаат оние во чиешто образование државата вложувала со години, оние коишто се во најпродуктивните години, со најголема желба за работа. Тие бегаат од Македонија.

Иселување

Секој што заминал верувам дека имал силна причина. Секој што планира да отиде, порано или подоцна – ќе отиде. Очекувањата од странство се големи, а оние кои веќе отишле, често се трудат им укажат на оние кои имаат желба да заминат дека не е сé така розово како што изгледа. Не дека во странство веднаш те чека добра, лесна и одлично платена работа. Почетоците се многу тешки и треба време за човек да се навикне на еден поинаков систем, да напредува во позициите, од најниските па нагоре, да се докаже, да створи круг на пријатели и да се навикне на еден поинаков живот.

Од искуствата на луѓето што ги познавам, отидоа и среќни се поради својата одлука, наједноставно е да се отиде додека си млад, немаш големо работно искуство тука, па таму полесно ќе ти биде да се прилагодиш на системот. Исто така многу помага при прилагодувањето ако се отиде со партнер, но идеално би било без деца. Така имаш поддршка од партнерот, а го немаш дополнителниот товар на децата да им обезбедиш сé што треба, што на почеток секако не е лесно. Многу е потешко да отидеш подоцна – кога веќе тука си изодел некој пат, системот веќе те обликувал, а таму патот треба од ново да го почнуваш. Така ќе имаш два почетоци, т.е. најголемата мака ќе ја поминуваш два пати. 

Сликата на животот во Македонија е сосема поинаква. За жал, за да добиеш работа, а уште повеќе да напредуваш, квалификациите стануваат сé помалку важни. Едвај ќе добиеш работа (ако имаш среќа), ќе работиш за плата со која тешко дека ќе имаш пристоен живот, а создавањето семејство ќе биде дополнителен предизвик. Но, реалноста е и дека тука не секој би се нафатил на работните места на кои се нафаќаат нашите иселеници кога почнуваат да живеат во друга земја. Уште поболна реалност е дека ефикасноста на работниците кај нас е многу пониска во споредба со развиените земји. Најмалку што можеме да направиме е да се потрудиме да бидеме подобри – во секој поглед, и на работа, и дома, и на улица, насекаде! Да дадеме сé од себе, а тоа можеби ќе придонесе да имаме поубав живот дома, во Македонија, наместо да го бараме во странство. 

Јас размислував за одење во странство кога завршив факултет. Мојот сопруг, а тогашен дечко, не сакаше да ја напуштиме Македонија, па одлучивме да останеме, иако ако се прашував јас, веќе ќе бевме преку океанот. Од сегашна перспектива, ја донесовме вистинската одлука. Не знам дали беше среќа или упорност и многу вложен труд, но ние добро се снајдовме тука и имаме убав живот. Можеби немаме за луксуз, но луксузот никогаш не ме привлекувал. Важно ми е тоа што можеме да платиме сметки, имаме за јадење и можеме да си дозволиме еден одмор годишно, се разбира некаде во земјава или во близина, не мислам на некоја егзотична дестинација. Но, исто така, тука ја уживам привилегијата да бидам со моите родители и родителите на мојот сопруг, со пријателите со кои заедно сме пораснале, и да живеам во систем којшто добро го познавам. Најмногу од сé, тука сум дома. Верувам дека ниту еден луксуз не може да го замени чувството да си дома. Барем јас така се чувствувам. 

Секој си има причина поради којашто останал или заминал. Нема вистински и погрешен пат.

Колку луѓе, толку приказни.

Автор: Алиса
Алиса е жена во раните 30-ти години – во постојана трка со времето и потрага по баланс меѓу обврските на работа, со децата, домаќинството и образованието. Во постојана борба со себе, помеѓу посакуваната спонтаност од една страна и неопходната организираност од друга, помеѓу неодоливите чоколади и посакуваната линија, меѓу желбата за кафе со пријатели и редовното вежбање. Не може да живее без предизвици, а ништо не ја опушта како ден поминат во природа, пливање, или цел ден поминат зад волан – сама, со радиото.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 19743 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.