Почетна » Здравје » Интимно » Причини за стерилитет кај жените

Причини за стерилитет кај жените

За да настане нормално оплодување потребно е:

  1. Од јајниците по пат на овулација да се ослободи зрела јајце-клетка;
  2. Зрелата јајце-клетка од овариумот да премине во јајцеводот пред да се сретне со сперматозоидот;
  3. Дел од сперматозоидите преку матката да стигнат до јајцеводот и еден од нив да ја оплоди јајце-клетката;
  4. Оплодената јајце-клетка преку јајцеводите да допатува до матката и да се „вгнезди“ во ендометриумот (слузницата на матката).

Неможноста една двојка да зачне по најмалку 1 година незаштитен сексуален однос со нормална фреквенција се нарекува стерилитет. Поимот стерилитет треба да се разликува од поимот инфертилитет. Стерилитетот претставува неспособност за концепција (оплодување), а инфертилитетот означува неспособност бременоста да се одржи до крај, односно додека детето не биде способно за живот. Тоа значи дека инфертилната жена е способна за концепција, но порано или подоцна во текот на бременоста доаѓа до абортус.

Зачнување

Разликуваме два типа на стерилитет:

  • Примарен стерилитет – кога не e остварено ниту едно оплодување.
  • Секундарен стерилитет – кога пред стерилитетот претходело минимум едно оплодување.

Постојат многубројни причини кои може да ја попречат која било фаза од процесот на концепција. Тие може да потекнуваат и од мажот и од жената. Кај една третина од случаите причина за неплодноста е жената, кај друга третина проблемот е кај мажот, а кај останатиот дел, причината е или непозната или проблемот е кај двата партнери.

Најчести причини за стерилитет кај жените се:

  1. Оштетување на јајцеводите. Доколку настане оштетување или опструкција на јајцеводите, тогаш се оневозможува патувањето на сперматозоидот до јајце-клетката. Најчесто, тоа се должи на:
    • Пелвична инфламаторна болест. Станува збор за воспаление на женските репродуктивни органи кое e резултат на инфекција најчесто предизвикана од сексуално преносливи бактерии (Chlamydia, Gonorrhea).
    • Хируршка интервенција на карлица или абдомен. Доколку биле извршувани операции во пределот на карлицата и абдоменот, особено поради ектопична бременост, постои можност од формираните лузни да настане оштетување или опструкција на јајцеводите.
    • Пелвична туберкулоза. Иако не е често заболување, сепак може да биде причина за оштетување на јајцеводите.
  2. Хормонални нарушувања. Синхронизираните хормонални промени кои нормално се случуваат во еден менструален циклус, овозможуваат зреење и ослободување на јајце-клетка од овариумите (овулација) и подготвување на ендометриумот да ја „прими“ оплодената јајце-клетка во случај да настане концепција. Проблемите со овулацијата може да се резултат на нарушување на ниво на хипоталамус, хипофиза или овариуми. Најчесто, хормоналните нарушувања се должат на:
    • Синдром на полицистични јајници. Една од најчестите причини за стерилитет кај жените е синдромот на полицистични јајници. Хормоналните нарушувања кои се јавуваат при овој синдром, влијаат врз процесот на овулација и го отежнуваат или оневозможуваат процесот на концепција.
    • Предвремена оваријална инсуфициенција. Оваа состојба се карактеризира со губење на способноста за продукција на јајце-клетки од страна на овариумите (пропаѓање на ооцитите) и намалена продукција на естрогени, кај жени под 40-годишна возраст. Причини за ова заболување може да бидат генетски фактори, хемотерапија, автоимуни заболувања и др.
    • Дисфункција на хипоталамус или хипофиза. Овулацијата зависи од хипоталамус-хипофиза-овариум оската, односно од хормоните што ги излачуваат овие жлезди. Прекумерно зголемената или намалена телесна тежина, прекумерниот физички или емоционален стрес, како и драстичните осцилации во телесната тежина, се само дел од причините кои може да доведат до нарушување на оската хипоталамус-хипофиза-овариуми, а со тоа и нарушување на овулацијата. Главниот знак за проблеми со овулацијата е ирегуларно менструално крварење или отсуство на крварење, иако во одредени случаи постои можност и покрај редовниот менструален циклус, овулацијата да отсуствува.
    • Хиперпролактинемија. Пролактинот е хормон којшто го излачува хипофизата. Зголеменото ниво на пролактин (хиперпролактинемија) ја намалува секрецијата на естрогени, а тоа може да биде причина за стерилитет.
    • Хипотироидизам (намалена функција на тироидната жлезда). Намаленото количеството на тироидни хормони стимулира зголемено ослободување на TRH хормонот од хипоталамусот, кој може да предизвика хиперпролактинемија, а со тоа и намалување на нивото на есторгени и последователно нарушување на процесот на овулација.
  3. Ендометриоза. Ендометриозата е заболување при кое ендометриумот (ткивото кое ја обложува внатрешноста на матката) е ектопично локализиран, односно постои ендометријално ткиво надвор од внатрешната површина на матката. Најчесто, ектопичната локализација е на јајниците (околу 50%). Ендометриозата може да го наруши процесот на концепција и да биде причина за стерилитет. Опструкција на јајцеводот поради создавање на лузна од претходно направена хируршката интервенција за отстранување на ендометријално ткиво, промена на слузокожата на матката и оневозможување на имплантација на оплодената јајце-клетка и оштетување на сперматозоидите или јајце-клетката се само дел од проблемите предизвикани од ендометриозата, кои може да бидат причина за стерилитет.
  4. Нарушувања на телото и грлото на матката. Постојат повеќе нарушувања на ниво матка, кои може негативно да влијаат врз процесот на концепција и имплантација. Најчесто станува збор за:
    • Бенигни или малигни тумори. Присуството на фиброми, миоми или други видови тумори во матката може да предизвика опструкција на јајцеводите или да спречи имплантација на веќе оплодена јајце-клетка.
    • Цервикалната стеноза. Се работи за стеснување на грлото на матката, кое може да се јави поради повреда на цервиксот или поради генетски фактори. Цервикалната стеноза може да го наруши процесот на концепција, бидејќи стеснувањето на цервикалниот канал може да го отежне преминот на сперматозоидите кон телото на матката.
    • Промени на цервикалната слуз. Во одредени случаи (инфекција, претходна хируршка интервенција) може да дојде до промена на квалитетот на слузта и со тоа да се оневозможи премин на сперматозоидите од цервиксот до корпусот на матката.
  5. Анатомски конгенитални абнормалности на женскиот репродуктивен систем. Во ретки случаи, конгениталните абнормалности на кој било дел од женскиот репродуктивен систем (јајници, јајцеводи, матка, вагина) може да бидат причина за стерилитет.

За жал, кај околу 20% од случаите причината за стерилитетот е непозната. Во таков случај, се смета дека најверојатно стерилитетот е резултат на влијанието на повеќе фактори кои потекнуваат и од двата партнери.

Потребен е сериозен пристап кај веќе прогласен стрилитет, бидејќи со утврдување на етиолошките фактори и правилно лекување, може да се дојде до посакуваните резултати.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20782 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.