Почетна » Забава » Хороскоп » Кинески хороскоп 2015: Што ќе ви донесе Годината на Козата?

Кинески хороскоп 2015: Што ќе ви донесе Годината на Козата?

Прославите за Кинеската Нова година го означија и почетокот на Годината на Дрвената Коза, која ќе трае сè до 7 февруари 2016 година.

Време е да се збогуваме со динамичната и енергична Година на Коњот! Позитивните емоции, а пред сè смиреноста и нежноста, ќе ги одбележат претстојните 12 месеци. Најбрзо ќе напредуваат лицата кои си одделуваат време за внимателно и детално анализирање, а мошне наградени и поддржувани ќе бидат и оние кои вложуваат енергија во хуманитарни цели.

Многу е важно да ги ставаме умствените способности пред физичката сила. Во Годината на Козата добродушните ќе ја добијат наклонетоста на небесните тела, „лошите момци“ ќе ја изгубат својата популарност, а лицемерните, често ќе се заплеткуваат во сопствените мрежи од лаги. Многу неверни љубовни партнери ќе бидат отфрлени од своите пријатели, а многу лица кои играат „валкано“ на професионален план ќе бидат јавно посрамотени. Се предвидува помалку насилство во споредба со изминатиов период, а интересот на луѓето главно ќе биде насочен кон уметноста и културата.

На љубовен план, 2015 ќе остане запаметена по филмски љубовни врски и еуфорични чувства. Поради склоноста на Козите јавно да ги искажуваат проблемите со кои се соочуваат, често ќе имаме потреба да се жалиме и да бараме рамо на кое можеме да се исплачеме.

На брачните партнери Козата ќе им помогне да ги усогласат заедничките планови за иднината и да ги надминат пречките кои Годината на Коњот ги стави пред нив. Но, семејната хармонија често ќе биде нарушувана од меѓусебното префрлување на обврските.

Генерално, новата година ќе биде комбинација од практичност, креативност, друштвеност и чувствителност. За најсреќни во Годината на Козата предвреме може да се прогласат родените во знакот Коза, Зајак и Свиња.

Кликнете тука за да дознаете кој е вашиот знак во кинески хороскоп »

Стаорец

Кинески хороскоп

Минатата година беше вистински предизвик за вас, но животот значително ќе ви се подобри во текот на месеците кои доаѓаат. Кинеската нова година ќе ви започне како возење по нерамен пат, но претпазливоста ќе ви помогне успешно да ги избегнете пречките кои ќе ви излегуваат.

Не треба да се плашете да правите смели чекори во годината на Козата, но треба да ја ограничите својата амбициозност и да имате реални очекувања.

Љубов

Крвта ќе ви врие, а љубовта ќе ви го разубавува животот. Наједноставните гестови ќе ви ги носат најголемите победи. Само еден наивен поглед ќе може да го заскокотка љубопитството на личноста која ви се допаѓа, а само еден нежен допир по нечие рамо ќе има моќ да разбуди силни романтични чувства. Можно е токму оваа година да ја запознаете својата сродна душа. Речете ѝ благодарам на Козата што вешто ќе ги разграничувате страста и вистинската љубов.

Во врска сте? Елементот Дрво ќе ви помогне да изградите силно пријателство со саканиот и да ги цените неговите потреби повеќе отсекогаш. Не бидете скромни со комплименти во средината на август. Тие ќе ви го обноват задоволството од врската.

Кариера

Иако најчесто храброста и тврдоглавоста ве водат онаму каде што сакате да стигнете, во Годините на Козата морате да покажете флексибилност. Не избрзувајте кога донесувате одлуки, секој ваш чекор треба да биде внимателно осмислен.

Многу е важно да ги извадите розовите очила и да се наоружате со реалистичен поглед и умерени амбиции. Сè додека не очекувате нештата да ви бидат давани на послужавник и сте подготвени да работите напорно, ќе можете да им се радувате на придобивките. Најголема позитивна промена на банкарската сметка ќе почувствувате кон крајот на септември.

Вол

Кинески хороскоп

Волот и козата имаат многу заеднични нешта и одлично се сложуваат, па ова ќе биде добра година за вас. Иако ќе чувствувате дека рацете ви се посилни отсекогаш, а енергијата ви е неисцрпна, нема да имате многу можности за да го искористите својот потенцијал. Ова е година кога работата нема да ви биде приоритет.

Во Годината на Козата потребно е да се помирите дека не можете секогаш да победувате, иако често ќе треба да се борите докрај. Избегнувајте ги екстремните промени и необмислените одлуки.

Љубов

Конечно ќе најдете повеќе време за љубов, бидејќи ќе го забавите темпото на работа.

Ако сте сингл, запливајте во друштвените води и прифаќајте ја секоја можност за патување, бидејќи најдобрите шанси за да пронајдете љубов ќе никнуваат подалеку од дома. Одете онаму каде што не сте биле досега и излезете од својата сигурна зона. Женските претставнички на овој знак ќе имаат поголеми шанси да ја пронајдат својата сродна душа, но за да ја задржат покрај себе, ќе треба да вложат труд. Кон средината на август многу Волови ќе започнат нова врска.

Сè додека сте смирени и трпеливи, љубовната врска нема да страда. Голема е веројатноста на почетокот од април да се соочите со љубовен проблем кој не смеете да го игнорирате.

Кариера

Годината на Козата ви довикува да забавите. Ако изминативе 12 месеци не можевте ни да здивнете и постојано нешто се случуваше во вашиот живот, сега ќе го добиете потребниот одмор. Обидете се да ги замените ризичните чекори со добро осмислени стратегиски одлуки.

Воловите оваа година треба да бидат како река која не се обидува да ги отстрани големите камења кои ѝ стојат на патот, туку мудро ги заобиколува.

Колегите ќе ви бидат многу потребни на работното место, бидејќи ќе бидат склони да ви помагаат кога ќе се соочите со притисоци и кога ќе треба да ја споделите одговорноста со некого. Прифаќајте ги групните проекти, но сепак внимавајте – зад завесите ќе се крие и одредена доза компетитивност.

Тигар

Кинески хороскоп

2015 година ќе тече како подмачкана за вас. Брзо ќе ги совладувате пречките, а луѓето околу вас ќе бидат склони да ви ја нудат својата помош и без да им ја побарате. Вашето семејство и најблиските ќе бидат покрај вас со секој чекор што ќе го преземете, но и ќе поминувате повеќе време со семејството, роднините и пријателите кои ви се врсници.

Во текот на Годината на Козата многу задоволства лесно ќе паѓаат во вашите раце, но за други, ќе вложувате и неколкумесечни напори и пак ќе ви се лизгаат низ прсти. Многу Тигри ќе се фокусираат само на нештата кои им значат.

Најсамоуверено ќе се чувствувате во средината на октомври. Сепак, имајте предвид дека елементот Дрво го поттикнува бавниот напредок и внимателните одлуки.

Љубов

Годината на Козата ќе биде одлична кога е во прашање љубовта на Тигарот. Ќе се израдувате до солзи поради среќен семеен настан.

Тигрите со статус сингл ќе привлекуваат со наивен и нежен поглед, а ќе се претвораат во страсни партнери веднаш штом ќе го уловат својот плен. Ако не сте во врска, почесто посетувајте забавни и културни настани за да си ги зголемите шансите за пронаоѓање на партнер. Машките сингл претставници на овој знак ќе имаат поголеми шанси да ја пронајдат љубовта на нивниот живот.

Во врска сте? Ќе започнете да посветувате повеќе внимание на чувствата на партнерот. Ова нема да биде година кога себично ќе ги гледате само своите желби и ќе успеете да ги продлабочите врските со блиските. Ако сте во брак, очекувајте незаборавно случување кое ќе ви го промени животот.

Независно дали сте во врска или не, љубовта ќе ви го забрза срцето кон средината на август.

Кариера

Годината на Тигарот ќе ви донесе одредена доза на мрзеливост на професионален план. Можно е да се фатите себеси како ги занемарувате обврските, но луѓето околу вас ќе ве враќаат во колосек. Бидете потрпеливи во односите со колегите и избегнувајте ги конфликтите со нив. Ќе бидете сјајна ѕвезда во секоја тимска задача.

Истомислениците ќе ви го забрзуваат работниот мотор во текот на 12-те месеци кои претстојат, па не ги оттурнувајте од себе.

Доколку трагате по работа, ова ќе биде одлична година за вас. Оставете ги зад себе фрустрациите и негативните чувства кои ви ја уништуваат самодовербата, бидејќи тие можат да ви упропастат златна шанса во првата половина од годината.

Зајак

Кинески хороскоп

Насмевнете се, универзумот ќе ги слушне вашите молби! Среќата која ја имавте во Годината на Коњот ќе продолжи, но со многу позасилен интензитет. Следниве 12 месеци ќе ви донесат многу радосни и незаборавни моменти. Најизразени успеси ќе постигнувате на академски и професионален план, а голем дел од времето со задоволство ќе поминувате со пријателите и семејството.

Ова е златна година за вас кога се во прашање парите. Финансиската стабилност ќе ви ја намали неизвесноста за иднината и ќе ве охрабри да го свртите својот фокус кон љубовта. Кон крајот на март ќе си поставите многу граници и ќе успеете да ги дефинирате своите долгорочни цели.

Љубов

Силните чувства ќе бидат карактеристични за вас оваа година, но тие нема да ви пречат.

Годината на Козата ќе ви ја зголеми самодовербата и ќе ве натера да заборавите на строгите правила кои ги поставувате во љубовта. Ќе му посветувате огромно внимание на изгледот, бидејќи за вас средениот изглед ќе биде предуслов за успех.

Ако сте во врска, големи се шансите да се соочувате со ситуации во кои партнерот престрого ќе ви суди за грешките кои ги правите. Користете ја смислата за хумор за да се извлекувате од нив пред да избувне посериозен конфликт. Ќе бидете партнерот кој сите ќе го посакуваат, зашто ќе бидете полни со разбирање. Ќе знаете што точно сака да слушне вашиот сакан, па ќе ги изговарате вистинските зборови во вистинското време. Зајаците кои се во брак ќе создадат хармонична врска полна со разбирање.

Април е идеален месец за почеток на стабилна нова врска. Сведувајте ги до минимум шансите да бидете вмешани во љубовен триаголник.

Кариера

Несебичноста, која е дел од вашата природа, ќе биде ваша најдобра особина оваа година. Значително ќе се подобрат вашите комуникациски вештини, па очекувајте хармонични односи со колегите на работното место. Можеби нема да имате многу шанси за напредување на работа, но ќе ги искористите зборовите како свој сојузник за да се изборите за поголема заработка.

Нема да бидете голем приврзаник на мултитаскингот. Вешто ќе ги проценувате можностите и ќе се насочувате само кон оние кои имаат потенцијал да ви донесат победа. Проектите кои не ветуваат профит, воопшто нема да го привлекуваат вашиот интерес.

Кинескиот хороскоп ви советува да одите каде што дува ветрот, бидејќи спротивставувањето нема да ви донесе никакви резултати. Помирете се дека луѓето не се совршени и дека треба да сметате само на сопствените напори. Така нема да се разочарувате.

Змеј

Кинески хороскоп

2015 година ќе биде најуспешна за Змејовите кои не претеруваат со амбициозноста и кои не се стремат да се запишат во историјата со своите постигнувања.

Кон крајот на март многу претставници на овој знак ќе бидат охрабрени да направат суштински промени во животот. Иако оваа година ќе оставите зад себе многу навики, она што ќе го понесете со себе, ќе ви помогне да си ја подобрите иднината.

Годината на Козата ќе ви ја зголеми способноста за непречено комуницирање, па ќе привлечете многу сојузници во сите сфери од животот.

Љубов

Ќе бидете неодоливи во текот на следниве 12 месеци. Лесно ќе привлекувате нови обожаватели и редовно ќе го маѓепсувате саканиот доколку сте во врска. Жените родени во овој знак ќе имаат поголеми шанси да запознаат личност на која бестрашно ќе им ја подарат својата љубов, иако не треба да избрзуваат при донесувањето на љубовни одлуки.

Очекувајте страсна година во која чувствата неконтролирано ќе излегуваат на виделина. Нема да сакате да ја сокриете љубовта кон партнерот, па често ќе бидете иницијатор на интимни средби подалеку од очите на јавноста.

Кариера

На работното место ќе ви се отворат нови можности и ќе имате шанса за унапредување, но напредокот ќе ви биде на сметка на слободното време. Веројатно ќе чувствувате и одредена доза на напнатост. Годината на Козата не е период кога треба да ја покажувате својата агресивна амбициозност. Размислувајте со ладна глава и бидете мудри кога донесувате одлуки. Сè додека импулсивноста не е меѓу вашите најистакнати карактеристики, професионалниот живот нема да страда.

Козата ќе ве поттикне да се движите во нови насоки, па не се изненадувајте ако одеднаш ги решавате проблемите на различен начин од вообичаено. Ова е поволен период за промени. Држете ги очите широко отворени за да не ги пропуштите можностите кои се пред вас.

Ако не сте вработени, ќе добиете златна шанса благодарение на ваши пријатели или поранешни колеги или соученици. Не ја одбивајте помошта која ви ја нудат луѓето околу вас оваа година.

Змија

Кинески хороскоп

Змијата и Козата не се непријатели според кинескиот хороскоп и оваа година најверојатно често ќе се фаќате себеси како им помагате на родените во знакот Коза. Пријателската енергија на Козата ќе ве направи и подруштвена личност.

Најголем предизвик ќе ви биде да најдете баланс меѓу личниот и професионалниот живот. Гледајте на работата и домот како на два различни света кои не треба да се мешаат, а кои подеднакво го заслужуваат вашето присуство.

Зачувајте го својот скептицизам. Некои шанси и лица кои ќе никнуваат пред вас ќе бидат премногу добри за да бидат вистинити.

Љубов

Секој изминат ден од Годината на Дрвената Коза ќе брише по еден од сомнежите кои ги имате кон саканиот, па многу родени во вашиот знак ќе се радуваат на среќна љубовна врска. Сè додека ја контролирате својата љубомора, врската ќе расте.

Ако сте сингл, енергијата на Дрвото ќе ве поттикне да ги ставате стабилните врски пред авантурите и тешко ќе скокате во прегратките на првото убаво лице кое ќе го видите пред себе. Преголемата претпазливост ќе ви го одложува и почетокот на нова врска.

Змиите кои се во брак ќе бидат силно насочени кон кариерата и кон тоа како да заработат повеќе, а многу често ќе го занемаруваат семејството. Научете се да балансирате меѓу личниот и професионалниот живот. Одвреме-навреме забавувајте го темпото на работа и посветувајте им повеќе внимание на најблиските.

Кариера

Вашата интелигенција и дисциплината ќе блеснат во Годината на Козата. Елементот Дрво ќе ве направи помудри, па доколку сте вработени, голема е веројатноста да добиете унапредување. Тоа не само што ќе ве донесе погоре во хиерархијата, туку и ќе ги зголеми финансиските средства на вашата платежна картичка. Користете ја брзо секоја можност која ќе излезе пред вас во почетокот на годината, но обидете се да најдете баланс меѓу работата и одморот.

Не ја потценувајте моќта на контактите кога се стремите да ги постигнете своите цели. Не заборавајте и дека искреноста и добрите манири ќе бидат наградени во Годината на Козата. Искористете ги како свое тајно оружје.

Годината ветува позитивни резултати доколку сте во потрага по работа.

Коњ

Кинески хороскоп

Козата и Коњот се животни кои живеат заедно и имаат одлична врска. Тоа значи дека 2015 ќе биде добра година за вас. Ќе се чувствувате сакано и ценето и ќе ги гледате скриените можности кои никој друг не ги забележува. Дозволете ѝ на вашата смисла за хумор да блесне, зашто полесно ќе ги решавате проблемите ако се наоружате со оптимистички поглед.

Нема да ви биде тешко да ги пресретнете предизвиците. Напротив, ќе уживате додека ја покажувате својата креативност при решавањето на проблемите. Ова е година на елементот Дрво, па не се плашете да имате големи соништа. Одете онаму каде што ве носи срцето и експериментирајте. Дрвото ја наградува храброста.

Љубов

Ќе бидете посамоуверени и поотворени за нови познанства од претходната година. Ако сте сингл, ќе ја пронајдете идеалната личност за време на друштвен настан, па не ги избегнувајте големите забави и настани. Конечно ќе започнете да верувате во љубов на прв поглед зашто ќе ја почувствувате на своја кожа. Кон средината на август, или ќе обновите стара љубовна врска или ќе откриете дека ваш пријател совршено ги исполнува вашите критериуми за совршен партнер.

Родените во овој знак кои се во врска ќе вложуваат голема енергија за да ги задоволат потребите на партнерот. Вашата радост ќе расте кога го гледате партнерот среќен.

Ако сте во брак, ќе се радувате на сладок брачен живот, но морате да го организирате своето време така што да минувате повеќе време со своето семејство.

Кариера

Напорно работевте во текот на изминативе две години, а резултатите од вашиот труд ќе ги почувствувате сега. Нема да биде тешко да ја освоите наклонетоста на колегите, па не се плашете да побарате помош од нив кога ви е потребна. Пред вас ќе никне море од можности за унапредување, но само ако се стремите да ги подобрите своите перформанси. Независно од успехот кој ќе го постигнете, многу е важно да ја задржите скромноста.

Занемарувајте го мултитаскингот. Додека сите други ќе се движат со бавно темпо под влијание на елементот Дрво, вие брзо ќе трчате нанапред. Тоа ќе ви помогне да се истакнете.

На почетокот на април ќе научите важни лекции, но на потешкиот начин. Најверојатно тогаш ќе ја определите финалната насока во која сакате да се движите во животот.

Коза

Кинески хороскоп

Ќе бидете најсреќни во текот на следните 12 месеци, бидејќи годината е контролирана од вашето животно заштитник. Ќе имате среќа на сите полиња. Доколку во претходните години само мечтаевте за љубов, дебел паричник и одлично здравје, оваа година ќе ви биде дадено сè на послужавник.

Највешти ќе бидете во привлекувањето на луѓе кои се подготвени да ви помагаат, но ќе се ставите себеси на прво место. Само откако во вашиот живот ќе започне да тече мед и млеко, ќе ја насочувате енергијата кон другите. Научете да ја контролирате својата супериорност пред другите, бидејќи тоа може да ви ги расипе односите со луѓето.

Љубов

Љубовта е во воздухот, а вие ќе ја вдишувате во секоја измината минута од 2015 година. Не се обидувајте да ставате маска на лицето, бидејќи во Годината на Козата вашиот вистински карактер ќе биде исклучително ценет. Ако сте сингл, ќе бидете силно посакувани од спротивниот пол и поимот конкуренција ќе биде непознат за вас. Токму ова е годината кога многу Кози ќе пронајдат партнер со кого ќе го поминат остатокот од животот.

Трпението и чесноста ќе бидат најнаградени за оние кои се во врска. Ако сте во брак, токму во следниве месеци ќе одлучите да го проширите своето семејство или да се преселите на нова локација.

Забележителните промени на љубовен план се неизбежни, па не им се спротивставувајте.

Кариера

Нека соработката, тимската работа и задоволството на клиентите ви станат приоритет во годината која доаѓа. Успехот во голема мера ќе ви зависи од мрежата на контакти која ја имате. Колку повеќе луѓе познавате, толку повисоко ќе се искачите во светот на бизнисот. Најуспешни ќе бидат лицата кои имаат креативна професија или се уметници, бидејќи сепак, Козата е огромен обожавател на уметноста.

Не грижете се за конкуренцијата во 2015 година, бидејќи речиси и нема да ја забележувате. Колегите ќе бидат посклони да соработуваат со вас отколку да се натпреваруваат против вас. Тие особено ќе се потпираат на вас кога нешто ја помрачува работната атмосфера, зашто вие брзо ќе успевате да го враќате оптимизмот во воздухот.

Не се плашете да прифаќате храбри проекти кои ќе го привлечат вниманието на влијателни лица кон вас.

Мајмун

Кинески хороскоп

Годината на Козата ќе биде контрастна на изминатата Година на Коњот, која ве стави пред сериозни предизвици и стресни настани. Заштитникот на 2015 година, Козата, ќе ви донесе куп привлечни можност, а сè што ќе треба вие да направите е да ја изберете најдобрата.

Не се надевајте дека ќе можете да стигнете до успех по краток пат, бидејќи Дрвото го поттикнува бавниот напредок и насочува кон практични решенија. Добро анализирајте ја секоја алтернатива пред да донесете одлука и наоружајте се со трпеливост.

Годината на Козата е само најава за позитивните промени кои ве очекуваат во 2016 година, која е ваша година. На 8 февруари 2016 започнува Годината на Мајмунот.

Љубов

Ако сте сингл и трагате по партнер кому ќе го подарите своето срце, 2015 е како создадена за вас. Љубовниот вирус, кој Годината на Козата ќе го рашири низ воздухот, брзо ќе се пренесе кај вас, па еуфоричните чувства, страста и романтиката ќе бидат карактеристични за вас. Сепак, бидете објективни кога избирате во чија прегратка ќе ги минувате ноќите.

Ако сте во врска, имате зелено светло за задлабочување на врската, па дури и за свршувачка и брак во текот на следниве 12 месеци. Машките претставници на овој знак ќе се радуваат на подобри љубовни врски одошто женските.

Оние кои веќе се во брак, не треба да отфрлаат ниту една можност за патување со саканиот. Оддалечувањето од домот позитивно ќе влијае на меѓусебните односи.

Кариера

Кариерата ќе ви биде најсветлата област во текот на 2015 година. Конечно ќе добиете можност да ја вршите својата работа без никакви притисоци и ќе се вброите меѓу омилените личности на работното место. Колегите ќе бидат склони да ви помагаат, да ве поддржуваат и да ви го предаваат своето знаење. Еден од најголемите предизвици оваа година ќе ви биде контролирањето на избувливоста.

Имајте предвид дека Годините на Козата ја поттикнуваат тимската работа, па ќе си ги зголемите шансите за успех доколку ги здружите силите со свој колега или ако најдете добар соработник надвор од работното место.

Ако наидете на пречки во почетокот од годината, не се демотивирајте, туку засилете ја својата посветеност да успеете. Елементот дрво ја наградува трпеливоста.

Петел

Кинески хороскоп

Насмевнете се, за вас доаѓаат добри денови, но потребно е да скокате високо за да ги соберете најубавите плодови од Годината на Козата. Ништо нема да може да ве обесхрабри кога ќе решите да направите смел потег.

Сепак, не очекувајте премногу од месеците кои доаѓаат. Парите, љубовта и задоволствата ќе доаѓаат во ограничени количини. Иако вашата љубов кон правилата и редот ќе остане непроменета, полесно ќе соработувате со другите. Под влијание на елементот Дрво, ќе станете потолерантни.

Годината на Козата ќе ви ја разгори желбата да започнете ново животно патување, па ова е прекрасен период за промени.

Љубов

Следниве 12 месеци ќе бидат поволни за вас кога станува збор за љубовта. Нема да ви пречи да го направите првиот чекор и најчесто вие ќе бидете личноста која го крши мразот. Потребно е да ги намалите високите критериуми ако сте сингл претставник на овој знак, бидејќи тие ќе ви бидат пречка за да ја пронајдете својата љубов во Годината на Козата. Машките претставници на овој знак ќе имаат поголема шанса да ја пронајдат својата сродна душа, додека женските ќе сметаат на пријателските врски за да го запознаат својот принц.

Ако сте во подолга врска или брак, посветете поголемо внимание на чувствата на вашиот сакан. Исклучително е важно да не игнорирате проблем кој ќе никне во вашата врска околу 4 април, кога ќе се случи помрачување на месечината.

Кариера

Изгледа како вашата среќа на професионален план да се зголемува од година во година. Ако успехот беше дел од вашето секојдневие во 2014 година, сонцето ќе ве грее уште посилно, а ако се соочувавте со чести притисоци на работното место, тие сега ќе започнат да исчезнуваат.

Ќе имате многу можности да ги кажете своите идеи, но ако сакате тие да привлечат големо внимание, потребно е да бидат нови и невообичаени. Притисок ќе чувствувате поради дополнителните ангажмани кои ви претстојат. Нема да можете сами да се справите со сите задачи, па од особено значење за вас ќе биде помошта која ќе дојде од ваш колега. Во Годината на Козата, негувајте ги односите со луѓето со кои работите.

Куче

Кинески хороскоп

Во 2015 година нема да ви недостигаат предизвици. Годината на Дрвената Коза ќе ви донесе море од одложувања и непредвидливи настани, па често ќе се сомневате во своите способности. За среќа, оптимизмот на овогодишното животно-владетел ќе ви помага да ја видите вистинската вредност на нештата кои ги поседувате.

Ова е година кога во центарот на вашето внимание треба да застанат вашите пријатели, браќа и/или сестри и роднините, бидејќи ќе имаат потреба од ваша помош.

Љубов

Годината на Козата ќе ве стави пред тежок избор: кариерата или љубовта? Иако ќе ви биде јасно како ден дека канцеларијата никогаш не може да ја има топлината на домот, сепак ќе поминувате многу време во неа. Мал дел од Кучињата ќе одлучат да одбијат примамливи понуди за да бидат со саканите, но тие ќе ја стават својата кариера на конец.

Љубовните емоции ќе ви бидат доста променливи, па во едни моменти ќе ве вивнуваат во ѕвездите, а во други, ќе ви предизвикуваат проблеми. Животот на многу сингл Кучиња ќе стане посреќен и похармоничен, па нема да брзаат да влезат во врска.

Ако веќе сте ја пронашле својата сродна душа, не го форсирајте развивањето на врската. Дрвото го поттикнува бавниот љубовен напредок.

Кариера

Во 2015 година ќе гравитирате околу кариерата. Очекувајте многу можности на професионален план, но за да успеете, ќе биде потребно сериозно да ги засукате ракавите и да го згреете столчето. Тоа ќе ви донесе многу притисоци.

Потребно е да ги негувате врските со колегите и пријателите, бидејќи тие ќе ви помогнат да станете помудри, помотивирани и посамоуверени во 2015 година. Сепак, можно е Годината на Козата да ве направи понетрпеливи и лесно избувливи, па ако не научите да го контролирате својот темперамент, очекувајте влошување во односите со луѓето околу себе.

Одложете ги плановите за инвестирање или за некое поголемо купување. Кажете им „не“ на сите предлози кои ви звучат премногу добри за да бидат вистинити. Најдете стабилен извор на пари и покажете скромност во областа на финансиите.

Свиња

Кинески хороскоп

Честитки, оваа година сте дел од среќното трио кое ќе почувствува позитивни промени под покровителство на Козата. Ако долго размислувавте дали да изберете нова насока во која ќе се движите, сега имате зелено светло за да ја кажете финалната одлука.

Но, иако хороскопот советува да не се грижите годинава, голем број од вас ќе се соочат со непреспани ноќи поради неосновани сомнежи и вознемиреност. Многу е важно да не дозволувате емоциите да влијаат на вашите одлуки.

Иако се предвидува успешна година за вас, сепак подароците од неа нема да доаѓаат во џиновски пакувања. Максималистите родени во овој знак треба да ги снижат своите очекувања за да не се разочараат.

Љубов

Максимално ќе го користите секој изминат ден. Ако сте сингл, брзо ќе се заљубувате, но и брзо ќе излегувате од врска доколку партнерот не ги оправда вашите очекувања. Животот треба да биде забавен, а не исполнет со солзи, па вие ќе бидете пример како треба да изгледа весела личност.

Доколку сепак решите да влезете во сериозна врска, не очекувајте брзо да преминете на следното ниво. Врските кои ќе започнат оваа година ќе се развиваат бавно. Претставничките на овој знак ќе имаат подобра среќа на љубовен план од мажите родени во овој знак.

Задоволно ќе уживате под водопадот од внимание кој ќе доаѓа од саканиот доколку сте во подолга врска или брак. Страста значително ќе ви ја зголеми интимноста.

Кариера

Ова ќе биде силна година за вашата кариера и за вашата банкарска сметка. Ќе добиете шанса да го покажете својот талент и своите вештини, но и да изградите одлична слика за себе во светот на бизнисот. Сè додека сте фокусирани на работата, цифрата на вашата банкарска сметка ќе расте. Особено успешни ќе бидат студентите родени во знакот Свиња, бидејќи ќе постигнат одлични академски резултати.

Не сте вработени? Ќе ја најдете идеалната работна позиција која максимално ќе го црпи вашиот потенцијал. Работата ќе ве исполнува и ќе бидете задоволни, зашто ќе можете да ги покажете своите квалитети. Веројатно доброволно ќе поминувате дополнителни часови на работа и благодарение на сето тоа, ќе ѝ носите дополнителни приходи на компанијата каде што работите.

Исклучително важно е да ги избегнувате конфликтите со колегите и да внимавате на работната етика.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20783 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.