Синоќа, започна втората сезона на Скопски моден фестивал. Со свечено отворање и три ревии во трговскиот центар Скопје Сити Мол беше одбележан стартот на новото издание на големото модно случување.
Под називот „Ти можеш, ти си силна“, познатата македонска дизајнерка Маја Кикириткова, чиј потпис е на брендот „Eleazar“, на многубројната публика ѝ претстави уникатни креации скроени за самоуверени жени. Елегантната црна, златната и сивата боја обликуваа сериозен крој каков што ѝ доликува на една вистинска дама.
„Инспирацијата лежи во жената во својата најдлабока форма, жена која навидум изгледа како санта мраз, но со еден допир станува мека, нежна“ - вака дизајнерката го долови приказот на вчерашниот подиум.
По неа следуваше ревиското деби во земјата на косовскиот дизајнер Етник Шала, кој на посетителите им се претстави преку авангардна ревија на својата најнова колекција. „Гобленот“ беше вивидно забележлив во деталите на фустаните, а освен тоа последниот модел изнесе целосна слика на еден гоблен извезена во вид на наметка. Тоновите на жолта, кафена и зелена боја, комбинирани со розево оддаваа впечаток дека тоа е следниот нов фустан што ѝ прилега на една девојка која не се плаши да се искаже низ облеката.
„Секогаш се трудам да создавам сентиментални креации врзани со моето детство и местото од каде потекнувам. Секое парче е всушност уметничко дело направено преку механички слики извезени во бројки и бои“ - истакнува Шала.
Крајот на првата вечер бликна во светлото на идната генерација македонски дизајнери, студентите на Академијата на моден дизајн при Школата за дизајн, уметност и технологија - „Скала" [поранешно „Џолев и уметностите"] кои на оригинален моден начин ги нанижаа своите креации пред сите присутни на ревијата.
Инспирирани од претходните декади, застапеното либерално движење со панкерска нота, петте студентки, Марија Трајковска, Ангела Спасовска, Луна Аврамовска, Милица Димитријевиќ и Ива Ивановска навестија експериментални трендови што не влегуваат во рамките на секојдневната мода. Истовремено, креациите блиски до студентите се блиски до помладите генерации, па во фокусот беа смели комбинации од каро здолниште и блузички од тантела и ракавици.
Фестивалот продолжува денес од 18:30 часот, кога на сината писта, како протагонисти на втората ревиска вечер ќе продефилираат колекциите на дизајнерките Мелани Дигит, Сара Реџиќ, модното ателје Краљевски и најновата линија од Роберт Ивановски.
Фотографии: Александар Буневски и Кристина Нановиќ / Femina.mk