Холзи си го оствари сонот да стане мајка. 26-годишната пејачка со фотографии ја сподели радосната вест со фановите. На црно-белите слики, славната родилка позира со бебенцето Ендлер и таткото Алев Ајдин.
„Благодарност за ‘најреткото’ и еуфорично породување“ – пишуваа таа.
Холзи отсекогаш била отворена за репродуктивното здравје, односно за справувањето со ендометриозата, а отворено зборуваше и за спонтан абортус кој ѝ се случи сред концерт.
Не само што живеела со ужасни болки, туку веројатно и поради ендометриозата таа имала спонтан абортус.
„Бев на турнеја кога дознав дека сум бремена. Пред да се свестам што тоа значи за мене и за мојата иднина... бев на сцена и го губев бебето сред мој концерт“ – изјави таа и призна дека во тој момент, додека крварела преку облеката, решила да се оперира.
Ендометриоза е состојба при која мали делови од ендометриумот (слузницата на матката) ја напуштаат шуплината на матката (cavum uteri) и се прикачуваат на други органи, најчесто во пределот на карлицата. Може да предизвика силни болки за време на менструација, проблеми со цревата и неплодност.
Долго време Холзи сметала дека најверојатно нема да може да има деца по природен пат и размислувала за замрзнување на јајце клетки. Но, операцијата и промените во начинот на живот ја подобриле ситуацијата и докторите ѝ кажале дека нема потреба од замрзнување на јајце клетките кое планирала да го направи во 2019 година.
„Бев многу отворена за моите проблеми со репродуктивното здравје, за тоа што сакав да ги замрзнам моите јајца и за ендометриозата. Долго време не мислев дека ќе можам да имам семејство, а тоа е многу, многу важно за мене“ – изјави таа пред бременоста.