Џенифер Лопез, Џесика Алба, Ема Стоун и Џенифер Анистон со многу шарм, харизма и стил ја разубавија манифестацијата за доделување на наградите „Жена на годината“, организирана од списанието „Гламур“.
Џенифер Лопез беше главна ѕвезда на вечерта. Облечена во сребрена тоалета на Версаче со висок шлиц, Џеј Ло блескаше и на црвениот тепих и на сцената додека ја примаше наградата „The All-Star“ од рацете на Донатела Версаче. Целосниот изглед 42-годишната актерка и пејачка го имаше надополнето со чевли на Џими Чу и чантичка повторно на Версаче.
Џесика Алба пленеше со слатка креација од Тори Бурч и токму на дизајнерката на нејзиниот фустан ѝ ја додели наградата „The Fashion Force“.
Ема Стоун воодушеви со златникава тоалета на Ланвин додека ја исполнуваше својата улога на презентерка. 23-годишната актерка ја додели наградата „21 Years, 21 Young Women“. Наградата отиде во рацете на 21 дама кои успеале да постигнат нешто значајно. Една од тие дами е и 10-годишна девојка која открила супернова.
Џенифер Анистон се појави на гламурозниот настан за да ѝ ја врачи на својата пријателка Челси Хендлер наградата „Тhe Queen of the Night“. Анистон изгледаше елегантно и одмерено во црна тоалета на Версаче, а Хендлер носеше темно син костум на Стела Мекартни.