Џесика Алба позираше за празничното издание на „Vanity Fair“ и зборуваше за создавањето на The Honest Company.
34-годишната ѕвезда е позната како актерка, но во последниве неколку години таа се истакнува како успешна бизнис жена, чија компанија е проценета на 1,7 милијарда долари.

Во интервјуто за угледното списание, Алба коментираше што значи да се биде претприемач: „Ако беше лесно, секој ќе го правеше. Мора да си луд малку, мора да преземаш иницијативи и да бидеш издржлив. Многу луѓе се откажуваат при првата пречка на патот. Но, за претприемачите, ако нема друг пат, ние го создаваме. Ние кршиме бетон, ние фрламе динамит, наоѓаме начин.“

Џесика била инспирирана да создаде еко производи за бебиња, бидејќи самата таа страдала од многу алергии и астма додека растела. Кога била бремена со првата ќерка, ѝ се појавил осип како реакција на детергент за перење. „Си мислев, што ако моето бебе има реакција и јас не знам за тоа? Што ако нејзиното грло отече? Имав големи стравови и анксиозност, затоа што јас секогаш бев болна како дете“ – раскажала таа и објаснила дека во тој момент започнала да ги истражува состојките во производите кои секојдневно ги користиме.

Денес во нејзината компанија работат речиси 500 лица, а нивната понуда на пазарот постојано е збогатувана со нови продукти.