Скарлет Јохансон го оживеа стариот холивудски гламур во фотосесијата за американскиот „Вог“. Облечена во прекрасни нежни фустани, 27-годишната актерка позираше пред објективот на Марио Тестино.
Во интервјуто за списанието таа се отвори за својот неуспешен брак со Рајан Рејнолдс, за кратката врска со Шон Пен и за голите фотографии.

Во 2008 година Скарлет стапи во брак со Рејнолдс. До нивниот развод парот успеа да го зачува секој детаљ од својата врска во тајност. „Секогаш ја чувавме нашата приказна приватна – како се запознавме, нашата свадба, сè. Тоа беше за нас“ – изјавила таа.

И покрај тоа што бракот не им успеа, Скарлет вели дека никогаш не зажалила за тоа што му го кажа судбоносното „Да“ на Рајан. „Беше прекрасно нешто. Заљубувањето и стапувањето во брак и обврзувањето... Мислам дека е убаво да знаеш дека си способен да сакаш на таков начин. Мислам дека тоа е ретка можност“ – објаснила таа.

Минатата година русокосата актерка беше во врска со Шон Пен. „Поминавме одредено време заедно. Никогаш не ја дефинирав врската, но се гледавме“ – признала таа и дала пофални зборови за неговата хуманитарна работа во Хаити.

Во септември минатата година Скарлет се најде во центарот на вниманието на медиумите поради тоа што на интернет се појавија нејзини голи фотографии. Подоцна, хакерот којшто ги украде фотографиите наменети за нејзиниот поранешен сопруг Рејнолдс беше уапсен.

„Не бев само јас. Имаше и други. Не сакам да бидам жртва и да кажам добро и да ја сокријам главата од срам. Некој украде нешто од мене... Тоа е болно. Не сакам такви луѓе да се извлечат со тоа. Откако сите тие фотографии излегоа, се разбира дека кога излегувам на вечера си мислам: По ѓаволите, овие луѓе сите го имаат видено мојот... Тоа е ужасно. Сфаќате ли што сакам да кажам? Дури и да не ги виделе, ти стануваш параноичен“ – раскажала Скарлет.
