Селена Гомез успеа во музиката, во модата и во филмската индустрија, па американското „Elle“ одлучи да ја нарече новата „It“ девојка и да направи со неа летна колоритна фотосесија.
19-годишната актерка позираше на плажа во метален фустан на Ив Сен Лорен со длабоко деколте. Со минимално „зачаден“ поглед и црвен кармин, Селена изгледа заводливо и секси, имиџ кој досега не се поврзуваше со оваа ѕвезда на Дизни.
На другите фотографии можеме да ја видиме Селена во црвен фустан на Ланвин, интересен корсет на Долче и Габана, градник на Вера Ванг и везен фустан на Балмен.
Во интервјуто за јулското издание, Селена зборува за Џастин Бибер и за своето сиромашно детство. Пред неколку месеца се прошири веста дека Џастин Бибер ја изнајмил арената „Стејплс Центар“ во Лос Анџелес за да можат заедно со Селена приватно да го гледаат филмот „Титаник“. Коментирајќи го тој романтичен гест на Бибер, Селена изјавила: „Ако споделувам нешто со вас, тоа е би било дека тој е навистина непоправлив романтичар. Јас само имав спомнато дека навистина сакам повторно да го гледам Титаник.“
Денес младата актерка и пејачка не може да се пожали од финансиската состојба, но нејзиниот живот не бил секогаш толку лесен. „Можам да се сетам на барем седум пати кога нашиот автомобил ќе заглавеше на автопат бидејќи ќе останевме без гориво и без пари“ – признала таа. Но, нејзината мајка секогаш заштедувала за да ја носи на концерти и во музеи. „Таа штедеше за да ме носи на концерти. Ме носеше во музеи, аквариуми, за да ме подготви за светот, за тоа што е реално“ – дополнила Селена.