Том Форд стана татко. Познатиот дизајнер и неговиот долгогодишен љубовен партнер Ричард Бакли добија син.
Веста ја објави списанието „Love“, кое им честита на среќниот пар. Детето го добило името Александар Џон Бакли Форд.
51-годишниот дизајнер и 64-годишниот поранешен главен уредник на „Vogue Hommes“ се во врска 25 години.
Минатата година Том Форд објави дека сака да има дете, но дека нема детето да го користи за добивање на публицитет. Тогаш тој напомнал дека никој нема да знае за детето сè до неговото раѓање. „Секогаш сум велел дека сакам деца. Но, како што стареев, Ричард со кого живеам, велеше дека не сака деца. Затоа, решив да немам деца. Но, ако имам деца, никој нема да знае за нив додека не се родат. И никој нема да ги види, затоа што нема да ги користам како алатка за привлекување на медиумите. Ако имам дете, нема да забележите дека имам дете. Можеби ќе го видите кога ќе има 18 години, но ќе го држам подалеку од светлината на рефлекторите“ – изјавил тој.
Форд има раскажано дека кога првпат го сретнал Ричард, тоа било љубов на прв поглед. Десет дена подоцна, заедно биле во лифт, кога Том одлучил дека сака да го помине животот со Ричард. „Во тој лифт одлучив дека ќе стапам во брак со него. Тој беше толку приземен, толку згоден. И тој ме бркаше – но не требаше да се труди многу... Првата ноќ кога бев излезен на пијалак со Ричард, чувствував дека знам сè за него“ – раскажал Том Форд.