Ријана и Дрејк водат по бројот на номинации за MTV VMA награди. Двајцата имаат по пет номинации.
Ријана има најголеми шанси за освојување на најпосакуваната награда за Видео на годината, бидејќи освен со спотот за „We Found Love“, таа влезе во трката и со спотот за музичката соработка со Дрејк „Take Care“.
Видеозаписот на Рири за „We Found Love“ е номиниран и за Најдобро видео на женски изведувач и Најдобро поп видео. Од друга страна, спотот за „Where Have You Been“ ја номинира Ријана во категоријата Најдобри визуелни ефекти и Најдобра кореографија.
Четири од номинациите на Дрејк се за дуетот со Ријана, „Take Care“, додека во категоријата Најдобро хип-хоп видео е номиниран за спотот со Лил Вејн за „HYFR“.
Веднаш зад Ријана и Дрејк е Кети Пери, која има четири номинации, меѓу кои и за Видео на годината за „Wide Awake“.
Бијонсе и Џеј-Зи имаат по три номинации, исто колку и Coldplay, Ники Минаж и Френк Оушн.
Лана Дел Реј, Крис Браун и Џастин Бибер имаат по две номинации.
Победниците ќе бидат прогласени на 6 септември, за време на свечена манифестација на која ќе настапат Алиша Кис и One Direction.