Почина Леонард Коен. Легендарниот пејач, чии музички дела педесет години одекнуваа ширум светот, издиша за последен пат на 82-годишна возраст.
Тажната вест беше потврдена преку официјално соопштение во кое стои: „Со длабока тага ве известуваме дека легендарниот поет, текстописец и уметник, Леонард Коен, почина. Ние изгубивме еден од најпочитуваните и најплодотворни музички визионери.“
Засега нема наведени точни причини за смртта.

Во текот на долгогодишната кариера, Коен беше многупати наградуван за своите фасцинантни дела.
Песната „Hallelujah“ низ годините доби илјадници преработки од други музичари кои се одушевуваа на неговото најголемо дело. „Dance Me to the End of Love“, „So Long Marianne“ и „Suzanne“ се вбројуваат во големите хитови по кои ќе се памети неповторливиот Канаѓанец.


Пред неколку недели, Коен го издаде својот четиринаесетти албум „You Want It Darker“.
Тој е добитник на две Греми статуетки, од кои едната за животно дело која ја прими во 2010 година. Коен беше почестен со свое место во „Куќата на Славните на Рокенролот“ во 2008 година.



