Филмот „Кајмак“ на Милчо Манчевски имаше извонредна светска премиера во Јапонија. Во преполна сала, новиот македонски филм премиерно беше прикажан на 35-тото издание на Меѓународниот филмски фестивал во Токио и доби огромен аплауз.
На манифестацијата присуствуваше самиот Манчевски, кој беше придружуван од талентираните актерки Сара Климоска и Ана Стојановска и продуцентот Јане Ќортошев.
„Кајмак“ се прикажува во официјална конкуренција на овој фестивал од А-категорија, кој е најголем во Азија и еден е од најголемите во светот. Од предложени 1.700 филмови од 107 земји, во официјална конкуренција влегоа само 15, меѓу кои и македонскиот „Кајмак“.
Откако се распродадоа двете фестивалски проекции на „Кајмак“, организаторот додаде и трета проекција, предвидена за претпоследниот ден на фестивалот.
Организаторот му укажа исклучителна чест на Манчевски со тоа што го покани да одржи мастерклас за јапонските студенти и публика како единствен автор од западниот свет со мастерклас, покрај претседателката на жирито, американската режисерка Џули Тејмур.
Манчевски ќе има формален разговор со публиката и по втората распродадена проекција на филмот, на 28 октомври.
„Холивуд репортер“ во извештајот од свеченото отворање на фестивалот забележа дека на црвениот килим беше и Милчо Манчевски со актерските ѕвезди од „Кајмак“, нарекувајќи го „македонскиот ерудит од Њујорк“.
Годинава фестивалот се враќа во физичка форма по две години пандемија, а по 14 години пауза повторно ја враќа наградата „Акира Куросава“. Таа се доделува на автори за извонреден придонес во светската кинематографија. Годинaшниот добитник е мексиканскиот оскаровец Алехандро Гонзалес Ињариту.
По светската премиера во Токио, „Кајмак“ патува на филмскиот фестивал „Златен коњ“ во Тајпеј, Тајван.
Македонската премиера на „Кајмак“ е предвидена за средината на ноември, а филмот веднаш ќе биде на редовен репертоар во сите киносали низ земјава.
„Кајмак“ е црна комедија (или среќна трагедија) за две семејства кои се пристојни на почетокот, а среќни на крајот. Филмот на Манчевски е безмилосна критика на малограѓанското лицемерие и апотеоза на индивидуалната слобода.
По сценарио и режија на Манчевски, во филмот играат: Сара Климоска, Камка Тоциновски, Александар Микиќ, Симона Спировска, Ана Стојановска, Филип Трајковиќ, Петар Мирчевски, Сашка Димитровска, Лазе Манасковски, Јасмина Василева, Дејан Лилиќ, Елена Кузманов, Крсте Роџевски, Ратка Радмановиќ, Ана Димитрова, Никола Ристески, Ангела Димитрова, Соња Михајлова, Александра Пешевска, Ѓорѓи Јолевски, Љиљана Богојевиќ, Сара Станиќ и други.
Македонски продуцент на филмот е Банана филм. Продуцира Јане Ќортошев. Продукциски дизајнер е Дејвид Манс од Англија, директор на фотографија данецот Улрик Боел Бенцен, монтажер Емил Нунинга од Холандија, дизајнер на звукот Херман Пиете, кастинг директор Милка Анчевска, костимограф Жаклина Крстевска, а дизајнер на шминка е италијанската легенда Марио Микисанти. Музиката е на култниот „Дејниш стринг квартет“, а дополнителната музика на Игор Василев-Новоградска. Во екипата беа вклучени и независни филмски работници од Англија, Италија, Србија и Бугарија.
Филмот е помогнат од бројни домашни и странски поединци и компании.
ВИДЕО:
Фотографии: ТИФФ 2022