Најдобрите од телевизиските екрани беа наградени на церемонија во театарот „Микрософт“ во Лос Анџелес на 69-тото по ред издание на Еми.
„The Handmaid's Tale“ беше големиот победник на вечерта. Серијата, креирана по истоимената книга на Маргарет Атвуд, беше прогласена за Најдобра драмска серија, на Елизабет Мос ѝ ја донесе статуетката за Најдобра актерка во драмска серија, а на Ен Дауд наградата за Најдобра актерка во споредна улога во драмска серија.
„Veep“ се закити со наградата Најдобра ТВ серија комедија, а ѝ помогна на Џулија Луис-Дрејфус да испише историја, освојувајќи најмногу статуетки за иста улога во иста серија. 56-годишната актерка по шести пат победи во категоријата Најдобра актерка во ТВ серија комедија.
„Big Little Lies“ стана Најдобра мини-серија, а благодарение на неа, Никол Кидман се закити со наградата Најдобра актерка во мини-серија или филм.
Доналд Гловер за „Atlanta“ ја доби наградата Најдобар актер во ТВ серија комедија, додека Стерлинг Браун за улогата во „This Is Us“ ја присвои наградата Најдобар актер во драмска серија.
Алек Болдвин освои Еми за влегувањето во улогата на Доналд Трамп во „Saturday Night Live“.
Целосната листа на победници можете да ја погледнете тука.