Британскиот актер и комичар Расел Бренд и американската пејачка Кети Пери стапија во брак. Во саботата вечерта тие го изговорија судбоносното „да“ на приватна традиционална хинду церемонија во Индија.
Осумдесет најблиски пријатели и роднини присуствувале на свечената церемонија во луксузниот комплекс „Aman-i-Khas“, кој се наоѓа во близина на резерватот за тигри Рантамборе, 130 километри од градот Џаипур, Раџастан.
Расел пристигнал на местото на венчавката на бел коњ, а во церемонијата учествувале уште и 20 други коњи, камили и слонови. Младоженецот и невестата биле облечени во традиционална индиска облека, а за да им биде уште поинтересно на гостите, настапувале традиционални танчери и музичари.
Но, ова не била единствената прослава на која Кети и Расел ги почестиле своите гости. Во петокот била одржана забава инспирирана од Боливуд, а сите биле поканети и на сафари. Според тоа што го откриваат странските медиуми, било планирано прославата да трае 6 дена.
Пери целосно ги почитувала индиските обичаи, па така неколку дена пред свадбата била забележана како носи традиционален индиски невестински прстен на носот. Тоа е прстен којшто невестите го носат пред свадбата, а треба да им го извади младоженецот на првата брачна ноќ.
Среќниот пар ја избрал Индија затоа што токму таму во декември Расел ја побарал раката на 25-годишната Кети.