Обожавателите на „Grey's Anatomy“ (Вовед во анатомија) се непријатно изненадени и разочарани од одлуката на сценаристите да убијат значаен лик во серијата. Доколку не сакате да дознаете за кој лик станува збор, не продолжувајте да читате.

Во најновата епизода беше убиен неврохирургот Дерек Шепард. Тој почина како резултат на сообраќајна несреќа набрзо откако спаси 4 лица од друга сообраќајна незгода.

Патрик Демпси, кој ја имаше улогата на Шепард од 2005 година, проговори за излегувањето од серијата, непосредно пред емитувањето на новата епизода. „Сметам дека ќе биде шокантен начинот на кој тоа ќе се случи. Ќе биде моќно. Но, животот е таков. Мислам дека секогаш кога ќе замине некој од оригиналната екипа, останува празнина која не може да биде пополнета. Шепард е омилен лик. Луѓето не сакаат да го изгубат. Тој е дел од нивните животи 10 години“ – изјавил 49-годишниот актер.


