Откако собра храброст и поднесе обвинение против колегата Џастин Балдони за сексуално вознемирување и обид за оцрнување на нејзиниот имиџ, Блејк Лајвли доби силна поддршка од колегите од „It Ends with Us“.
Џени Слејт застана зад нејзината „лојална пријателка“.
„Како колешка и пријателка на Блејк Лајвли, ја изразувам мојата поддршка додека таа презема мерки против пријавените за планирање и извршување напад врз нејзината репутација. Блејк е лидерка, лојална пријателка и доверлив извор на емоционална поддршка за мене и за многу други кои ја познаваат и сакаат.“
„Она што е откриено за нападот врз Блејк е ужасно темно, вознемирувачко и заканувачко. Ѝ аплаудирам на мојата пријателка, се восхитувам на нејзината храброст и стојам покрај неа“ – напиша Џени.
Брендон Скленар, кој го глумеше првото момче на Лили Блум (Блејк) во филмот, сподели линк од обвинението против Балдони и ги повика своите фанови да го прочитаат. Тој ја означи Блејк заедно со емотикон срце.
И авторката на книгата „It Ends with Us“ (Ова завршува со нас), Колин Хувер ѝ даде поддршка на Блејк.
Од Sony Pictures, кои го дистрибуираа филмот, испратија заедничка изјава во која стои:
„Ние претходно ја изразивме нашата поддршка за Блејк во врска со нејзината работа на и за филмот. Целосно и цврсто ја потврдуваме таа поддршка денес. Ги осудуваме сите напади на нејзината репутација. Такви напади немаат место во нашиот бизнис или во цивилното општество“.
Блејк го обвини Балдони за сексуално вознемирување на сетот на „It Ends with Us“ и оцрнување на нејзиниот имиџ пред официјалната филмска премиера. Тимот на Балдони, кој го режираше филмот, ги отфрли тврдењата на актерката.
Според обвинението, Џастин се обидел да додаде сцени кои вклучувале голотија без согласност на Лајвли, ја бакнувал Лајвли кога тоа не било предвидено во сценариото, споделувал свои сексуални искуства и ја принудувал да го направи истото, влегувал во нејзината приколка ненајавен кога таа била топлес, ѝ покажувал фотографии од голи жени и дискутирал пред неа за неговата зависност од порнографија.