Адел дискутабилно е најомилената музичка ѕвезда во моментов. Додека крши рекорди со својот нов албум „25“, талентираната пејачка заслужено ја доби својата втора корица на американскиот „Вог“.
Облечена во креација од Барбери, Адел изгледа шармантно на насловната страница од модната библија. За фотосесијата со легендарната Ени Либовиц, популарната Британка позираше и во креации од Ердем, Џамбатиста Вали, Салваторе Ферагамо, Гучи и Александар МекКвин.

Во интервјуто за „Вог“, Адел зборуваше за мајчинството и потребата за приватност. „Најважно е што сум мајка, потоа доаѓам јас, а потоа следува работата… Кога станав родител, се почувствував како вистински да живеам. Имав цел, додека претходно немав“ – вели Адел.
За желбата нејзиниот син Анџело да има приватен живот подалеку од медиумите, таа коментира: „Ни треба некаква приватност. Сметам дека е тешко да си дете на славна личност. Што ако тој сака да пуши трева, или да пие алкохол додека е малолетен, или што ако е хомосексуалец и не сака да ми каже, а е фотографиран и јас така дознавам?“



За претстојната турнеја, Адел вели: „Одам на турнеја заради фановите, за да ги видам луѓето кои ми го променија животот.“


