„The Queen’s Gambit“ (Дамски гамбит) со молскавична брзина го шармира светот и ги разгоре страстите за шаховски дуели. Популарната мини-серија стана најгледаното лимитирано шоу во историјата на Netflix.
Фантастичната драма го следи животот на Елизабет (Бет) Хармон, која расте како сираче и поседува вонсериски талент за шах, како и нејзиното издигнување во „светот на мажите“.
Бет уште од 9-годишна возраст покажува извонреден талент и го започнува своето шаховско патување додека се соочува со зависност од лекови за смирување, а подоцна и од алкохол.
Ања Тејлор-Џој на идеален начин ја портретира Бет и заслужено придоби море од пофалби за својата глума.
Актуелната серија има само 7 епизоди и се гледа буквално во еден викенд, или можеби во еден ден.
„The Queen’s Gambit“ е адаптација на истоимениот роман на Волтер Тевис од 1983 година. Во првите 28 дена, серијата имаше 62 милиони прегледи, а ги одушеви и врвните шахисти, бидејќи сите потези се логични и внимателно обмислени. Имено, во креирањето на дуелите, биле консултирани реномирани експерти како Гари Каспаров.