Денес Здравко Чолиќ го прослави својот 66. роденден со промоција на нов сингл и спот за истиот.
Текстот и музиката на песната „Мала“ се со потпис на Момчило Бајагиќ Бајага, додека аранжманот е на Никша Братош.
Режисер на музичкиот спот е на Александар Керекеш Кеки, чија замисла овој пат е емоциите од оваа летна песна да се доловат низ една романтична и заводлива филмска приказна. Од Котор до Бар, преку Скадарско езеро, на 6 различни локации снимени се убавината и магијата на старите приморски улички и градби кои досега не се видени во музичките спотови.
„Се радувам и многу ми е драго што за мојот роденден ќе ѝ подарам на публиката нова песна и спот. Во план е оваа есен да биде објавен 15-тиот студиски албум, а ова е прва песна од новиот албум која ја претставувам, која ја работев со моите долгогодишни соработници. Текстот и музиката ги пишуваше Бајага, а Никша Братош го направи аранжманот” – открива Чолиќ.
Актерката Јелена Гаврилович ја има главната улога на „Мала”, како што и самата песна го носи името. Таа ќе ве понесе во една романтична приказна која ја дели со моделот Бојан Карас. Во заводлива игра, Јелена глуми млада филмска дива чие снимање на филм се одвива во едно приморско, рибарско место.