Кристијан Лобутин е магионичарот кој точно знае во какви обувки копнеат да чекорат дамите. Францускиот дизајнер и со актуелната колекција освојува и продира во женските фантазии. Се разбира, сите модели имаат црвен ѓон, финесата која им дава препознатливост на чевлите потпишани од Лобутин.
Класични чевли, впечатливи сандали, чизмички до глужд, високи чизми и елегантни патики ја сочинуваат колекцијата за студената сезона. Елементи како нитни, реси и блескави пеперутки и цветови инспирирани од филигран носат посакуван модерен шмек.
Нијанси кои потсетуваат на скапоцени камења, но и леопардски принт доминираат низ колекцијата која одговара на високите очекувања на фановите на Лобутин.