Модниот Викенд ’25 започна во 12 часот кај езерцето во Парк, а првиот дел од „неофицијалниот“ почеток беше дебата на темата „Вработување на младите во модната индустрија“.
На оваа дебата говорници беа Оливер Андреески – член на Управниот Одбор при Националниот младински совет на Македонија, потоа, Иван Ивановски – сопственик на брендот SALT, моделарот Катерина Тошева Блажевска (patternmaking) и дизајнерот Никола Јовановски од брендот Bella. Милка Јовановска, специјалистот за човечки ресурси, исто така беше на оваа тркалезна маса се со цел, да им одговори на прашањата на публиката на теми нормално, поврзани со модата, но од еден малку поинаков агол.
Вториот дел, или втората тркалезна маса беше отстапена за елаборирање и преиспитување на темите поврзани со придонесот на македонските дизајнери во општеството, но и во младинското претприемништво. Модератор беше Ива Дујак од CreativeTalks, а Филип Барбутов и Мартин Николоски, ко-основачите на пријателскиот бренд за декорација на домот - TieraStudios, Натали Ристовска, ко-основачот на етички рачно изработениот бренд Yovankaи Јасмина Чанева Лазовска, директорот на тренинг центарот VM3Dза 3Dмоден дизајн беа тука да и прават друштво и секако, да одговараат на поставените прашања од присутните.
На ред дојдоа и ревиите. Први се претставија студентите од ДУЦОР „Партенија Зографски“ од Скопје со нивната колекција „Разбој во развој“. Колекцијата е осмислена да можат во неа да се пронајдат разни генерации, секој да ја протолкува на свој начин, притоа не заборавајќи на разбојот. Дека нешто што може да се аплицира во денешнината, може да трае и трае и да продолжи да живее низ вековите во разни форми, облици и модни димензии.
Под менторство на професорката Сања Ристески, дипломците од Технолошко-техничкиот факултет при УГД „Гоце Делчев“ од Штип се претставија со модели инспирирани од текстилниот отпад. Ова атипично претставување ја прикажа нивната идеја и инспирација за една колекција која покрај естетската димензија нуди една поинаква перцепција. Тука веќе се поставува прашањето дали сакаме да останеме запаметени како луѓе кои живееле во ерата на отпадот и ништо не направиле тоа да се промени?
На ред дојде модното шоу на студентите од Американскиот Универзитет на Европа – ФОН, од факултетот за дизајн и мултимедија. Под менторство на професорката Емилија Славкова студентите изработија колекција која понуди поинакви приказни од различните творци на моделите. Секој студент работел на негова лична приказна која била развивана во изминатиот семестар. Практичната работа на студентите очигледно резултирала со професионална љубопитност и стремеж кон лично надградување и усовршување.
Во рамките на 25-тиот Моден Викенд Скопје, првите чекори на домашната сцена ги направи и модната дизајнерка Шќипоње Абудили од Интернационалниот институт за мода Изет Цури, дебитирајќи со дипломската колекција инспирирана од јапонското кимоно. Кимоното во никој случај не може да е минато и само ќе продолжи да ја освојува имагинацијата на луѓето и ќе ги стимулира и инспирира модните креатори уште многу години. Во тоа сме сигурни!
Студентите од Европскиот Универзитет Скопје, или поточно, од Факултетот за арт и дизајн се претставија со селекција на креации од осум студенти од насоката моден дизајн. На ревијата тие ги прикажаа финалните модели кои произлегуваат од процесот на дизајнирање, почнувајќи одформирањето на темата на колекцијата, истражувањето, модните илустрации итехничките скици, изборот на бои и материјали, изработка на облеката. Деконструкција, одржливост, рециклирање и поп-арт се само дел од темите кои влијаеле врз инспирацијата на студентите. Ментори биле проф. д-р Јана Манев Чупоска и Проф. м-р Маја Ѓуреска.
Алумни студентките од Академијата за моден дизајн на Школата за дизајн, уметност и технологија „Скала“, од Џолев и уметностите се претставија со своите последни модни изработки во различни стилови, инспирации и избор на материјали.
Прекрасните полиња со лаванда во Тиквешкиот регион беа главна инспирација за „LavenderFields“, колекцијата на шапки и модни додатоци на Мирјана Јосифовска.
Сара Величковска ни се претстави со колекцијата „Хемофобија“, за која, како што вели таа самата, всушност е поттикната од стравовите и нивните манифестации и причини врз поединците кои сепак наоѓаат начин како да се прилагодат.
Колекцијата „Опиум“ на Верица Накова ни даде нешто несекојдневно. Нешто помеѓу сонот и реалноста. Нешто мистично, нешто зависно. Да, зависност од убавина!
Катерина Тошева со нејзината колекција „Ноќни лисја“ ни го претстави раѓањето на нешто ново, нешто поинакво, нешто забрането.
За крај, чест имаа да го затворат ова издание на Моден Викенд Скопје, студентите од ТМФ при УКИМ, од институт за дизајн и инженеринг на облека. Шоуто насловено како „Метаверзум или универзум“ всушност беше перформанс, преку кој беше пренесена навистина моќна порака. Идејата за метаверзумот дефинитивно ќе еволуира, ќе се менува, но останува прашањето дали ние воопшто тоа го сакаме или сета таа „фама“ ни е наметната? Професорката и менторка Лидија Георгиева поставила навистина „скромно“ прашање, кое неочекувајќи ги „телепортирало“ студентите во еден нов универзум во размислување за овој нов виртуелен тренд. Каде е подобро да се испие кафето – виртуелно во Париз со некој ваш близок, или дома во пријатна атмосфера? На виртуелна изложба во Њујорк веднаш и сега, или на таа иста изложба, но со сите они претходни подготовки месеци и месеци за да се „летне“ позади барата?
Главен партнер на ова јубилејно издание на Моден Викенд беше СН Осигурителен Брокер АД Битола. За атмосферата и комфорот се погрижија Concept 37, Smart Living, Lotus Lounge Chair, винарија Камник и Heineken.
Дигитален партнер на ова 25-то издание на Моден Викенд Скопје беше телекомуникацискиот оператор А1.
Официјална вода на настанот беше Велинград Алкалија со висока pH 9,36 - водата e совршен придружник на вашите секојдневни активности! Oд душата на планината!
За фризурата се погрижија Revlon Professional, K18 додека пак, за шминката тука беа Farmasi, заедно со Школата за убавина „Арт“. Пријател за нега и убавина беше француската медицинска козметика Uriage, а, пак, официјална обувка на настанот беше брендот Carnival.
Фотографии: Јордан Ѓорески, Миладин Паповиќ