Блесок, гламур, деликатност и нежност се проткајуваат низ новата колекција висока мода на Ели Сааб. Рачно изработените креации ги оставија без здив гостите на ревијата во Париз.
Колекцијата „The Birth of Light“ ја слави елеганцијата на арапската жена и раскошот кој се асоцира со арапска принцеза, ротира околу силуети кои ја потенцираат женствената фигура, си поигрува со транспарентноста и го заведува окото со комплексни дезени кои прикажуваат палми и бродови што танцуваат низ водите на Нил.
Грациозен фустан го означи крајот на ревијата. За невестинската креација, либанскиот дизајнер искоментира: „Сила, елеганција и слобода обединети под еден фустан“.