Керолајн Лабуше започнала да чекори во светот на модата на 53-годишна возраст благодарение на нејзината седа коса. Таа тврди дека никогаш во животот не била посреќна и дека годините не се пречка за остварување на соништата.
Лабуше е родена во Лондон и во моментов има 56 години. Во минатото таа честопати ја менувала бојата на косата и експериментирала со фризурите, бидејќи чувствувала притисок да се вклопи во околината. Кога се одлучила за седа коса, таа не била сигурна што ѝ носи иднината, но продолжила да ги следи своите инстинкти.
Првиот моден ангажман го добила кога нејзината ќерка ја пријавила на конкурс за модели со седа коса. Таа била избрана за заштитно лице на брендот за кој работела ќерка ѝ. Во првата година од нејзината кариера, Керолајн се појавила дури 8 пати во британскиот „Вог“.
„Никогаш претходно не сметав дека сум убава, мислам на вистински убава како што се чувствуваат луѓето на нивниот свадбен ден.“
„Сега гордо влегувам во собата. Веројатно сум единствената личност со седа коса. Луѓето гледаат во мене“ – вели таа.
Кариерата на Керолајн секогаш била на заден план, бидејќи нејзиниот сопруг бил воено лице и постојано се селеле од едно место на друго. Таа е пресреќна што во подоцнежно доба од животот добила шанса да го работи она што го сака.
Лабуше постојано ги споделува нејзините тајни за младешки изглед со своите фанови и вели дека сега вистински ужива во животот.
„Никогаш не појадувам и во текот на неделата воопшто не јадам шеќер и генерално, консумирам многу малку јаглехидрати. Многу сум посамоуверена и похрабра отколку што бев во моите дваесетти и триесетти години. Одам сама на настани и велам ‘да’ речиси за сè. Ја зграпчувам секоја можност.“
„Си поставувам цели. Минатото лето си поставив цел да истрчам ултрамаратон од 100 километри. Сè уште не сум сигурна каква цел ќе имам оваа година. Мојата тајна кон грациозно стареење е спиењето, исхраната, вежбањето, самопочитта и уживање во она што го имам.“
„Не се обидувам да изгледам помладо, само се обидувам да си ја одржувам кожата. Ако сакате да ја одржувате вашата фигура во младешка форма, обидете се да пешачите. Тоа е најлесната, најевтината форма на вежбање. Не се форсирајте, но бидете доследни“ – вели Керолајн.
„Никогаш не ја сушам косата со фен, туку ја оставам природно да се исуши. Користам јаболков оцет за чистење на лицето и серум со витамин Ц пред спиење“ – открива таа.