Решивте да го пропуштите часот по аеробик? Наместо едно парче чоколадо го изедовте целото? Му се развикавте на саканиот без да има причина за тоа? Ако одговорот на барем едно од овие прашања е „да“, тогаш голема е веројатноста да ве гризе совеста и да чувствувате вина.
Ново истражување покажало дека 96% од жените чувствуваат вина барем еднаш дневно, а скоро половина од жените ги „гризе“ чувството на вина 4 пати дневно.
Жените чувствуваат вина за многу различни нешта како изгледот, работата, врската, пријателствата и сл., но консумирањето на нездрава храна е на врвот на листата, се вели во истражувањето на магазинот Stylist. На второ место е тоа што не поминуваат доволно време со семејството и што ја запоставуваат работата.
„Жените чувствуваат вина кога мислат дека не се доволно добри во различните улоги, особено во улогата на сопруга, мајка, ќерка“ – објаснила Сузан Карен, авторка на книга за токсичната вина што ги мачи жените секојдневно.
Истражувањето исто така открило дека скоро 50% од жените не можат мирно да заспијат навечер токму поради чувството на вина.
Од друга страна, 92% од учесниците изјавиле дека мажите воопшто не чувствуваат толку многу вина како жените. Сепак, кога се разгледува овој факт треба да се има во предвид дека 95% од учесниците во истражувањето биле жени.
Експертите сметаат дека навистина мажите чувствуваат помалку вина и дека тоа е така затоа што жените се обвинуваат себеси за неуспесите, а мажите секогаш пронаоѓаат друг виновник.
Ако маж падне на испит, тој може да каже дека тоа се случило поради тоа што „во просторијата било прежешко“, но ако жена падне, таа ќе започне да чувствува вина затоа што ќе се измачува со помислата „глупава сум“, објаснуваат експертите.