Осма година по ред иницијативата „Часот на планетата Земја“ инспирира милиони луѓе низ светот да ги изгаснат светлата во текот на еден час, како симболичен гест за подигнување на свеста за климатските промени.
Во периодот од 20.30 до 21.30 часот по локално време, стотици милиони луѓе од над 154 држави од целиот свет ќе ги изгаснат светлата и сите други електрични апарати кои не се неопходни во текот на 60 минути за да ја изразат својата загриженост за иднината на планетата.
Иницијативата „Часот на планетата Земја“ е организирана од „World Wide Fund for Nature“, организација чија мисија е да го сопре уништувањето на природната средина и да изгради иднина во која луѓето ќе живеат во хармонија со природата.
За првпат оваа доброволна акција била спроведена во Сиднеј во 2007 година, кога 2,2 милиони луѓе и 2000 компании го изгаснаа осветлувањето. Една година подоцна, „Часот на планетата Земја“ стана глобална иницијатива во која се вклучија 50 милиони луѓе.
Годинава се очекува рекорден број луѓе да поминат еден час во темница. Според претставниците на „Earth Hour Macedonia“, во нашата држава ќе биде исклучено осветлувањето на повеќе локации во Скопје, меѓу кои плоштад Македонија, Кале, Камен мост и Скопје Сити Мол, како и Канео и Самуиловата тврдина во Охрид.
Вклучи се во акцијата, исклучи ги светилките.