Четиригодишниот црн мачор Томазо стана горд сопственик на имоти, акции и кеш во вредност од околу 10 милиони евра. Среќното животно, кое кога било мало маче било спасено од улиците во Рим, го наследи богатството откако неговата сопственичка починала на 94-годишна возраст.
Богатата вдовица Марија Асунта, која немала деца, починала минатиот месец и според нејзините адвокати, целиот нејзин имот и богатство ги наследил Томазо. Таа рачно го напишала својот тестамент уште во 2009 година и го испратила во канцеларијата на адвокатите Ана Орекиони и Џачинто Канцона.

Марија им дала инструкции на адвокатите да пронајдат соодветна асоцијација или здружение за заштита на животни кое би го добило наследството. Но, откако не била пронајдена организација која одговара на високите стандарди кои биле поставени, целото богатство му припаднало на Томазо, а како „старател“ кој ќе се грижи за имотот на мачорот била назначена медицинската сестра која се грижела за нив во последните месеци од животот на Марија.
Медицинската сестра Стефанија сега се грижи за богатиот мачор. „Убедени сме дека Стефанија е правилната личност која ќе ги почитува желбите на старата дама“ – изјавила адвокатката Ана.
„Ѝ ветив дека ќе се грижам за мачорот кога таа веќе нема да е тука. Таа сакаше само да се осигура дека Томазо ќе биде сакан и гален. Но, никогаш не си замислував дека таа има толкаво богатство. Беше многу тивка и дискретна, знаев многу малку за нејзиниот приватен живот. Единствено што ми кажуваше е дека многу страда од осаменост“ – изјавила Стефанија.
Но, дури и со толкаво богатство, Томазо не е најбогатото животно на светот. Се смета дека таа титула ја поседува Гантер – германскиот овчар кој од својот сопственик наследил повеќе од 100 милиони евра.