Златко Џаковиќ се залага за голема хуманитарна мисија. Хрватот со големо срце поправа стари велосипеди и потоа им ги подарува на деца од социјално загрозени семејства.
Посветениот механичар објави повик за донирање на стари велосипеди и велосипедски делови. Потоа, истите ги расклопува и ги користи за да направи исправни велосипеди за дечињата кои немаат пари да си купат нови.
„Се сетив на овие наши деца кои моментално не можат да си дозволат ништо, ни за Божиќ, а ни за ништо друго. Време е да се топлиме, а пензиите се мали“ – изјавил тој.
Златко е основач на велосипедскиот клуб „Furaj Lega“, а живее само со средствата од социјалната помош и не прима пензија. „Размислував за тоа како живеат семејствата кои едвај склопуваат крај со крај, исто како и јас“ – објаснил Џаковиќ.
Дел од велосипедите, Златко ги донираше за деца од Домот за згрижување „Klasje“.
Повикот за помош на Златко наиде на голем одзив кај граѓаните. Со нивните донации и со помошта на неколку ентузијасти, најмалку 80 дечиња ќе бидат изненадени со велосипеди за кои досега само сонувале дека може да ги имаат.