Фотографка, која долго време се борела со неплодноста, сними колоритна фотосесија со цел да поттикне разговори за спонтаниот абортус. Таа се стреми да им покаже на сите жени кои изгубиле дете дека не се сами и да ги охрабри да ја споделат нивната приказна.
На фотографиите позираат 40 мајки со нивните деца облечени во боите на виножитото.
„Виножито-бебе“ е бебе родено од мајка која претходно имала спонтан абортус, родила мртво бебе или ѝ починало новороденче. (По бура се раѓа прекрасно и светло виножито, кое дава надеж дека сè ќе биде подобро, а токму оттаму потекнува идејата за концептот „виножито-бебиња“.)
„Кога луѓето ќе помислат на 'виножито бебе', тоа е табу. Луѓето не зборуваат за спонтаниот абортус или загубата на дете“ – вели фотографката Ешли.
Прочитајте ја нејзината приказна зад идејата за фотосесијата:
Пред седум години ми се јави желбата да станам мајка. Ме обзеде комплетно и очекував дека ќе биде лесно.
Речиси четири години ние се боревме со неплодност. Започнав да губам надеж. Се срамев од себеси. Чувствував дека нешто не е во ред со мене... како да беше моја вина што не можевме да го имаме ова дете кое очајно го посакувавме.
По многу неуспешни обиди, само неколку моменти нè делеа од резултатите од последниот обид за зачнување. Плачев и го молев Бог: „Господи, ако ова е... ако ова е детето кое го сакаш за нас, ветувам дека ќе бидам твојот глас, ќе зборувам за надежта“.
И тогаш... почувствував како Бог ми прозбори.
Не ја искусив болката на спонтаниот абортус, но го знам чувството на безнадежност и длабока желба да станам мајка. Знам колку осамени се чувствувате. Па еве сум, зборувајќи за надежта.
Јас, заедно со сите мајки на оваа фотографија, сакам да знете дека можете да го пребродите тоа. Не сте сами.