Сликата на Пабло Пикасо „Les femmes d'Alger“ (Верзија О) се продаде за неверојатни 179,4 милиони долари. Анонимен колекционер го купи уметничкото дело во Њујорк, а со тоа постави нов рекорд за најскапа слика продадена на аукција. Се претпоставува дека купувачот е од Азија.
Легендарниот Пикасо ја започнал серијата слики „Les femmes d'Alger“ (Жени од Алжир) во 1954 година, кратко време по смртта на неговиот познат пријател Анри Матис. Сликите се инспирирани од делото „Femmes d'Alger dans leur appartement“ од 1834 година на Делакроа.
Ремек-делото кое деновиве го привлекува вниманието на светската јавност е означено како Верзија О, а некои го сметаат за кулминација на кариерата на Пикасо.
На истата аукција беше поставен и рекорд за најскапа скулптура. Скулптурата „L'Homme au doigt“ на Алберто Џакомети достигна крајна цена од 141,3 милиони долари.